Нема да оставиме дечиња од Општина Центар да останат незапишани во нашите градинки и тие се приоритетни.
Доколку има можност и капацитет градинката да прими повеќе, ќе може да се запишат и дечиња од другите општини, изјави градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски по посетата на корисниците на помош од проектот „Нега на стари лица во домашни услови".
Герасимовски беше дециден дека приоритетни за запишување во градинските ќе бидат оние деца чии родители се со живеалиште во Општина Центар.
– Во моментов има околу 200 дечиња кои чекаат за упис. Како што и најавивме изминатите неколку недели, од септември сите дечиња чии родители имаат лични карти и живеалишта во Општината се приоритетни и ќе бидат запишани во соодветните градинки, потенцира Герасимовски.
Тој истакна дека за самите деца и за нивниот развој не е добро ако веќе почнале да одат во некоја градинка, да се социјализираат и дружат со одредени деца да се преместуваат, бидејќи тоа ќе претставува шок и за нив, но дека приоритет при уписот ќе имаат деца на родителите кои според лична карта живеат на адреса во Општина Центар.