Словенечкиот парламент денеска ќе одржи седница на која ќе се гласа за новата влада на Роберт Голоб.

Се очекува новоизбраната влада денеска да ја одржи првата седница, а мандатарот Голоб да ја преземе премиерската функцијата што досега ја вршеше Јанез Јанша.

За избор на новата влада е потребна поддршка на мнозинство од присутните пратеници, кои на јавно гласање ќе се изјаснуваат за новиот владин кабинет во целина.

Владината коалиција ја сочинуваат Движењето Слобода, Социјалдемократите и Левицата кои имаат вкупно 53 пратеници во 90-членото Национално собрание. Словенечките медиуми проценуваат дека владиниот состав предводен од Голоб може да смета на поддршката и на пратениците од италијанското и унгарското малцинство.