Бугарскиот премиер, Кирил Петков, во зградата на Владата го прими министерот за надворешни работи на Азербејџан, Џејхун Бајрамов, јави дописникот на МИА од Софија.

Петков и Бајрамов ја истакнаа многу добрата соработка во областа на енергетиката меѓу Софија и Баку.

Бугарскиот премиер нагласи дека наскоро се очекува пуштање во употреба на интерконекторот меѓу Бугарија и Грција преку кој неговата земја ќе ја добие целата договорена количина на азербејџански гас. Тој истакна дека тоа ќе биде од голема корист за бугарските потрошувачи и за енергетската безбедност на Бугарија и на целиот балкански регион.

Бугарскиот премиер и шефот на азербејџанската дипломатија изјавија дека имаат одлична стратешка соработка во секоја област и ветија дека ќе работат заедно на проширување на партнерството во сите области меѓу Софија и Баку.