Парламентарната група на опозициската Демократска партија предводена од Енкелејд Алибеај не се согласува со предлогот на социјалистите генерал Бајрам Бегај да биде кандидат за претседател, јави дописничката на МИА од Тирана.

– Никакво изненадување од персоналниот процес на Еди Рама за избор на претседател на државата. Тој денеска од џеб го извади ковертот со името на кандидатот, одреден од мафијата на државната сопственост, стои во објавата на Алибеај на Фејсбук.

Тој најави дека ќе ја бојкотираат денешната пленарна седница на која, како што вели, „Рама презема уште еден личен чин за да уништи уште една независна институција”.

– Демократската партија не може да биде на седница како фасада за го легитимира заложништвото на институцијата Претседател, ниту сведок на тој процес, кога резултатот од гласањето е познат. ПД не може да гласа претседател излезен од џебот на Еди Рама, надвор од еден сеопфатен и транспарентен процес, посочува тој.

Целиот изборен процес за нов шеф на државата Алибеај го нарекува фарса на мнозинството. На разговорите со парламентарните групи тој не даде ниту еден предлог поради што првите три круга пропаднаа. Обвини дека „Рама го прекршил претходно постигнатиот договор”.

Сали Бериша најави учество на седницата заедно со демократските пратеници кои го поддржуваат. Пленарната седница ќе се одржи денеска во 18 часот, на која треба да биде избран новиот претседател.

Социјалистите имаат 74 пратеници, а потребни се 71 или просто мнозинство од 140 пратеници колку што има законодавниот дом.

Генерал Бегај (55), кој моментно е началник на Генералштабот на вооружените сили, за кандидат беше утврден од страна на Претседателството на Социјалистичката партија.