Зголемен интерес кај земјоделците бележат последните пет јавни повици кои беа распишани од Програмата за рурален развој за 2022 година, преку кои се овозможи поддршка за набавка на трактор, поддршка за изградба на силоси, изградба на мандри, поддршка за набавка на опрема за производство на тутун и грантот за рурална жена, информира Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ).

Рокот за аплицирање на овие јавни повици беше до 20 мај, а до Платежната агенција се пристигнати вкупно 2 901 апликација од кои 2 675 за набавка на трактори, 132 за грантот од 6.000 евра за рурална жена, 62 за набавка на опрема за производство на тутун, 24 за изградба на силоси и осум за изградба на мандри.

МЗШВ потсетива дека поддршката на овие јавни повици е во форма на кофинансирање, до 75 отсто од вкупната вредност на набавениот трактор, силос и мандри, или поединечно по корисник поддршката изнесува до 3 500 000 денари за трактор, еден милион денари за силоси и 600 000 денари за мандри по корисник. Поддршката за набавка на опрема за производство на тутун е нова мерка која овозможува инвестиции во машини за расадување на тутун, машини за нижење на тутун и метални конструкции за сушење на тутун. Максималниот износ на поддршката за оваа мерка по корисник изнесува 4 500 000 денари.

Зголемениот интерес за проектот рурална жена, не мотивира и висината на грантот двојно ја зголемивме од 3 000 на 6 000 евра по корисник. Преку овој проект ги мотивираме жените земјоделки да се занимаваат со земјоделство.

-Водиме грижа и даваме поддршка за секој земјоделец. Почнавме нова пракса каде нема селективност, нема правило прв дојден прв услужен, туку обезбедуваме поддршка за сите земјоделци кои се јавиле на јавниот повик и приота ги исполнуваат мерките. Тоа го докажавме со потпишувањето на договорите за набавка на педигриран добиток каде од вкупно 104 апликации, договор е потпишан со 103 апликанти, додека 1 апликант ја има повлечено својата апликација. На овој начин сточниот фонд го збогативме за нови 3842 грла високо педигриран добиток, а вредноста на поддршката изнесува 253 милиони денари. Уште еден таков позитивен пример е и потпишувањето на 322 договори за набавка на модерни системи за наводнување, подршка вредна 75 милиони денари, наведува МЗШВ.

Во наредниот период Министерството преку Програмата за рурален развој предвидува распишување два нови јавни повика за набавка на специјализирани комбајни и сушари за ориз и јавен повик за изградба на пристапни патишта до земјоделски површини.