Тоа што само околу 3 000 земјоделци имаат полиси, покажува дека моделот на осигурување е неодржлив и сите се согласивме дека треба да се смени, рече денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски.
Одговорајќи на новинарско прашање по посетата на Пробиштип, Николовски информира дека утрово имал средба со сите 11 осигурителни компании и со претставници од Агенцијата за супервизија на осигурувањето на која присуствувал и вицепремиерот Фатмир Битиќи. Договорено било, како што рече, до 21 јуни осигурителните компании да ги разгледаат нацрт-законските измени во кои се вградени и нивните забелешки.
При изготвувањето на законските измени кои предвидуваат нов систем на осигурување, земени биле предвид, истакна министерот, турскиот, шпанскиот и други модели. Се правеле сериозни анализи и драфт верзијата е конечно подготвена. Државата, потенцира Николовски, прави се за во првите неколку години да обезбеди финансирање преку ФАО на целокупниот нов модел за земјдоелско осигурување.
И за овие законски измени, најави Николовски, ќе се бара поддршка од Собранието.
-Лично сум убеден дека ова ќе биде голем напредок во овој сегмент, заедно со другите мерки за заштита на земјоделското призводство. Имаме нацрт закон и ме радува тоа што сите се свесни од потребата од промена на моделот на осигурување. Со тоа сите се согласивме на денешната средба. Новиот закон е во финална фаза, повторно ќе бараме голема поддршка од Собранието зашто ова е од интерес за сите – како да ја вратиме довербата на земјоделците кај осигурителните компании. На денешната средба оставивме простор до 21 јуни осигурителните компании да го разгледаат законот. Ги понудивме измените од законското решение кое последно се најде на ЕНЕР и првите впечатоци на компаниите се дека нивните предлози и забелешки се дел од измените на Законот, но оставивме простор до 21 јуни кога повторно ќе имаме средба. Целта е побрзо да го имаме законот и унифицираниот систем, односно модел за осигурување, напомена министерот.
Според него, по донесувањето на законските измени кои предвидуваат задолжително осигурување на земјоделците, огромен ќе биде бројот на полисите .
–Во услови на светска криза и галопирачки климатски промени да се заштити земјоделското производство е приоритет. На денешната средба со вицепремиерот Фатмир Битиќи и сите осигурителни компании разговаравме за итно воспоставување систем за осигурување во земјоделството, каде целокупното производство ќе биде осигурано од штети, со поддршка од државата, систем со кој конечно ќе се решат сите предизвици поврзани со ад-хок исплатата на штети и постоечкиот систем на осигурување. Храбро, одлучно и ефикасно работиме на решавање на децениските проблеми, напиша Николовски на својот фејсбук профил по средбата со осигурителните компании.