Во рамки на кампањата „Првата помош спасува живот” што се спроведува во основните и средните училишта во државата од страна на Црвениот крст, денеска се реализираше обука за прва помош во средното училиште „Арсениј Јовков” во Скопје.
– Црвен крст ја започна оваа кампања од месец мај 2022 година, а предвидено е до крајот на годината да се спроведат бесплатни обуки по прва помош за 25 000 деца основни и средни училишта во целата земја. Обуките по прва помош ќе се спроведат од страна на 203 предавачи и 111 демонстратори по прва помош во 33 општински организации на Црвен крст на територија на Република Македонија. На овие обуки децата ќе имаат можност да стекнат основни знаења за укажување на прва помош како брза и витална интервенција чија цел е да се спаси човечки живот, но и да се намалат компликациите од настанати повреди и инвалидитет, информираше генералниот секретар на Црвениот крст, д-р Саит Саити.
Саити порача дека првата помош не претставува само знаење и умеење да се изведат живото спасувачки вештини, туку е гест на солидарност и хуманост, гест кој ги мобилизира луѓето и заедниците да го зачуваат и заштитат животот.
На обуките присуствуваа и Јетон Шаќири министер за образование и наука и министерот за здравство Беким Сали.
Шаќири истакна дека соработката со Црвениот крст е од големо значење за придонес во општеството, но и во делот на образовните политики.
– Заедничката соработка на сите институции придонесува кон подобри резултати. Во конкретниот случај придобивките нема да бидат само за 25 000 ученици, бидејќи искуството и знаењето ќе можат да го пренесат и на своите врсници, заклучи министерот Шаќири.
Министерот за здравство во своето обраќање истакна дека соработката со Црвениот крст е континуирана и често соработуваат во делот на крводарителските акции.
– На државно ниво собираме околу 52 000 единици крв, што се сосема доволни за нашите граѓани да бидат безбедни при итни случаи. Македонија важи за една од државите во регионот што има најздрави политики во однос на крводарителството, благодарение на успешната соработка со Црвениот крст, информираше Сали.
Тој порача дека Министерството е секогаш отворено за соработка и поддршка на ваквите кампањи.