Српскиот претседател Александар Вучиќ ќе се обиде да го одложи конечниот прекин со Русија и да ја искористи идната промена во надворешната политика за да добие што повеќе политички и економски отстапки од Западот, се вели во анализата на неколку европски разузнавачки служби. Во „класифицираниот“ таен документ, во кој имале увид од Радио Слободна Европа, се наведува дека Српската православна црква ќе има клучна улога доколку Србија одлучи да се движи кон Запад.
Патријархот на Српската православна црква Порфириј, многу близок до претседателот на Србија, би одиграл важна улога во прифаќањето на прозападната политика на Србија, се вели во интерниот документ подготвен за Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС).
Донации од државата за СПЦ ќе му помогнат на Порфириј да го убеди свештенството во тој поглед“, пишува во документот во кој се анализираат следните чекори на Вучиќ со цел продолжување на политиката на балансирање.
Европското разузнавање наведува дека руската инвазија на Украина го намалила маневарски простор на Вучиќ на полето на надворешната и безбедносната политика.
„За да го ублажи силниот притисок на Западот во однос на санкциите, претседателот Вучиќ планира да преземе различни потези на меѓународно и домашно ниво за да спречи негативни импликации за Србија, но најмногу за да ја зачува сопствената политичка моќ“, се вели во документот.
Се наведува и дека голема е веројатноста Вучиќ да го одложи формирањето на новата влада што е можно подолго, а тоа ќе го искористи како изговор да го одложи воведувањето санкции против Русија, јави Бета. Се проценува дека Вучиќ ќе се обиде да ја искористи проруската десничарска опозиција како изговор да не донесува или одложува тешки надворешнополитички одлуки.
На Вучиќ му се допаѓа присуството на таква опозиција бидејќи тоа му овозможува да се претстави на Запад како умерен политичар, се вели во документот, додавајќи дека десничарските партии се поврзани со Српската напредна странка и имаат своја финансиска и логистичка поддршка.
Анализата на европските разузнавачки служби се занимава и со улогата на претседателот на Партијата за слобода и правда, Драган Ѓилас. Се наведува дека разузнавачките информации покажуваат дека постојат индиции за соработката на Ѓилас зад сцената со Вучиќ и неговата улога на „тројански коњ“, што предизвикува раздор меѓу опозициските партии и ги ослабува веќе извесно време“.
Се додава дека Ѓилас неколку пати пред изборите одбивал соработка со СНС, но таа соработка меѓу него и Вучиќ станала поверојатна по нивната средба во средината на април и најавата за можни предвремени избори во Белград.
Европските разузнавачки служби предвидуваат и дека тензиите во СНС ќе се зголемат при распределбата на власта на локално и државно ниво, но и поради идните одлуки за надворешната политика.
Кога ќе се формира владата, нејзиниот состав ќе биде јасен показател за надворешнополитичката насока на Србија, а Вучиќ најверојатно ќе продолжи да ги држи и прозападните и проруските министри во владата за да продолжи балансирачката политика, се вели во анализата.
Идниот премиер се очекува да биде од СНС, а како можни кандидати се споменуваат министерот за финансии Синиша Мали, министерот за надворешни работи Никола Селаковиќ и премиерката Ана Брнабиќ, која добива важна амбасадорска функција.