Лидерот на Демократска Бугарија, Христо Иванов, кој е еден од коалициските партнери на бугарскиот премиер Кирил Петков, смета дека францускиот предлог за решение на спорот помеѓу Софија и Скопје и преговарачката рамка, е исклучително добар за неговата земја.

Во утринската емисија „Разбуди се“ на Нова ТВ тој најави дека пратениците од неговата партија ќе го поддржат предлогот доколку дојде до расправа и гласање на пленарна седница во бугарското Собрание.

„Покрај владината криза, онаа со владејачкото мнозинство, Бугарија е и пред многу важна одлука поврзана со Република Македонија. Ова не е важно само за Македонија, туку и за нас, но ќе пропаднеме, ќе долее бензин на огнот“ вели Иванов коментирајќи за сценариото доколку Бугарија не го прифати предлого

Втор предлог, вели тој, не се знае кога ќе има, и предупредува дека Бугарија е спремна да го фрли во ѓубре францускиот поради тоа што се наоѓа во домашна политичка криза.

„Конечно го добивме резултатот од посредничкиот напор што го правеше Франција. Многу внимателно го прочитав предлогот. Разговарав и со многу авторитетни дипломати од различни политички сили. Општо мислење е дека ова е многу добар предлог за Бугарија. Сакам сите да ме слушнат – ова е исклучително добар предлог за Бугарија, кој ние сме подготвени да го фрлиме во ѓубре бидејќи во моментов сме во домашен скандал“ вели Иванов.

Според лидерот на Демократска Бугарија, би било национално предавство доколку неговата земја не го прифати предлогот на француското претседателство.