Вршителот на должноста претседател на Организацијата на воени ветерани на Ослободителната војска на Косово (ОВВ ОВК), Фатон Клинаку најави протест на втераните дента кога ќе се одржи седницата на Собранието за второ читање на нарт-законот за минимална плата, јави дописникот на МИА од Приштина.

На денешната прес-конфренција Клинаку ѝ порача на владата на Албин Курти дека „има време да ја исправи грешката“ до одржувањето на седницата.

– На состанокот со премиерот Курти не најдовме заеднички јазик. Тој вети дека ќе излезе со предлог во врска со ова прашање и ние му дадовме време. Ние им даваме време до второто читање да ја исправат грешката која ја направија со дискриминацијата на ветераните. Ако дотогаш не се реши овој проблем, значи ако дискриминацијата продолжи, тогаш ние денеска најавуваме протест за денот кога ќе се одржи седницата, изјави Клинаку.

ОВВ ОВК протестира затоа што ветераните не се опфатени со нацрт-законот за минимална плата. Минатите десетина дена поради тоа беа одржани два протести.

Владата вели дека пензиите на категориите произлезени од војната ќе се зголемат, но единствено откако ќе се прочистат листите, за кои смета дека се „надувани“.

Моментно пензијата на ветераните изнесува 170 евра месечно, колку и актуелната минимална плата, меѓутоа со новиот нацрт-закон, кој помина во прво читање во Собранието, не е предвидено зголемување на нивните пензии.