Во вторникот, на 28 јуни 2022, беше одржан онлајн информативен настан во врска со новиот интерконектор за природен гас што ќе ја поврзува Грција со Македонија, а ќе започнува од Неа Месимвриа – Тесалоники и ќе се протега се до Штип. Делот од настанот што се однесуваше на грчката страна на гасоводот (Неа Месимвриа – Тесалоники – Евзони) беше организиран од Националниот оператор на системот за природен гас на Грција („ДЕСФА”) под покровителство на Амбасадата на Грција во Македонија.

Целта на настанот беше засегнатите и заинтересираните субјекти од Македонија да се информираат за новите можности што ќе се создадат со завршувањето на гасоводот.

Грчкиот заменик министер за надворешни работи, г. Костас Франгојанис, во неговото обраќање на настанот се осврна на основните карактеристики на гасоводот и на многубројните придобивки кои ќе ги имаат двете земји од неговото функционирање.

Претставникот на министерот за економија на Македонија и државен советник за енергетика, г. Исмаил Лума, во неговото обраќање го истакна придонесот на проектот во натамошното зацврстување на билатералните односи на двете земји во областа на енергетиката.

Особената важност на проектот беше нагласена и од страна на надлежните институции „ДЕСФА” и „НЕР”, коишто беа претставувани од г. М. Гали и г. Б. Реџепи.

Говорниците на настанот од страната на „ДЕСФА” ги опфатија следниве теми:

I. Временската рамка за претстојниот market test, кој е од исклучително значење бидејќи ќе ја одреди одржливоста на проектот,

II. Техничките карактеристики на гасоводот и натамошните можности за пристап на трети страни до истиот,

III. Процедурите во однос на обврзувањето за капацитетите,

IV. Услугите за претовар на течен гас и натамошниот пренос на истиот до други продажни места,

V. Потенцирање на технологиите за користење на систем за намалување на штетни емисии.

Покрај наведените теми, на настанот се разговараше и за усогласеноста на проектот со европските стандарди и придржувањето до правилата на Енергетската заедница на ЕУ, особено од страна на Македонија, како нешто што го покажува нејзиниот општ стремеж за усогласување на преземените дејствија со европските регулативи.