Културно-уметничкото друштво „Гоце Делчев“ од Делчево ја освои наградата за најдобар настап на Меѓународниот музички и фолклорен фестивал „Дуррес Фест“ кој се одржа во Драч, Албанија. На фестивалот, како што информираше кореографот Зенил Реџепов, настапија Детскиот фолклорен ансамбл и дел од младинскиот ансамбл.

-Нашите претставници како што кажаа и самите организатори го освоија Драч, закитувајки се со наградата за Најдобар настап (Best performance). Нашето членство изобилува со одлични ученици, чувари на традицијата, честитки за учесниците, продолжуваме понатаму со освојување на награди, рече Реџепов.

Тој додаде дека друштвото од неодамна се најде на листата на Светската фестивалска асоцијација, што според Реџепов е уште едно признание за одличните настапи.

-Она што е важно е тоа што од 04.07.2022 година Културно-уметничкото друштво „Гоце Делчев“ Делчево стана член на WOFA WORLD FESTIVAL ASSOCIATION. Ова е од особено значење и поттик за нашите играорци со уште поголем мотив и елан да ја преставуваат државата на Меѓународните фестивали, додаде Реџепов.

По настапот во Албанија и претходно во Бугарија, делчевските играорци продолжуваат со претставување на македонскиот фолклор во Србија и Турција.