Стрип центарот на Македонија (СЦМ) со седиште во Велес го распиша меѓународниот конкурс „CAN for BALKANS – Comics Alliance Networking for Balkans“.

Според конкурсот, стриповите треба да опфаќаат некој период од праисториското време и антиката до денес. Во приказната може да се изберат познати историски ликови или анонимни лица. Стриповите може да се фокусираат на херојски чинови, како и на традиции, културни, економски, спортски или општествени настани или накусо, сè што спаѓа под историски стрип и се фокусира на балканската историја.

-Авторите се охрабруваат да пристапат на оваа тема, обидувајќи се да се фокусираат на она што го спојува балканскиот свет, а не на она што го дели, информира Томе Трајков од СЦМ Велес.

Тој појаснува дека конкурсот е отворен за уметници од цел свет, а апликантите треба да имаат најмалку 18 години. Секој апликант може да поднесе најмногу два стрипа. Делата треба да бидат во формат А3 и минимална резолуција од 300 dpi за да се овозможи печатење на А2 формат.

Стриповите се поднесуваат преку наменскиот дел на веб-страница: Comics Alliance Networking for Balkans – CAN for BALKANS.