Салах Абдеслам, главниот обвинет во судскиот процес за терористичките напади на 13 ноември 2015 во Франција , не поднел жалба за неговата доживотна затворска казна, објави во вторникот јавниот обвинител на Париз, Реми Хајц. Ниту еден од 13-те други обвинети присутни и шестмината отстутни на судењето не поднеле жалба на пресудите, јави дописникот на МИА.

„Националниот антитерористички обвинител и јавниот обвинител на Апелациониот суд во Париз не поднесоа жалба на оваа одлука“, се вели во соопштението на обвинителството. Со ова, нивните пресуди сега се правосилни, нема да има жалба.

За време на десетмесечните дебати, единствениот преживеан член на терористичката група, која ги изврши нападите, во кои загинаа 130 и имаше неколку стотици повредени, објасни дека „се откажал“ од активирањето на појасот во париски бар вечерта на нападите, поради „човечност“. Но, неговиот експлозивен елек „не беше функционален“, што ги доведе „сериозно во прашање“ неговите изјави за неговото „откажување“, одговори судот во своето размислување. Судот оцени дека 32-годишниот Французин е виновен и дека е „коавтор“ на „уникатна сцена на злосторството“: Стад де Франс, и убиствата на париските тераси и Батаклан.

Ден по пресудата, адвокатите на Салах Абдеслам, Оливија Ронен и Мартин Ветес на микрофонот на Франс Интер изразија жалење за одлуката која „не е во согласност со правдата, бидејќи Салах Абдеслам добива иста казна како и Усама Атар, спонзорот на нападите од 13 ноември“. Нивниот клиент имаше десет дена да поднесе жалба, овој рок истече, во понеделникот вечерта на полноќ.