Изложба „Полска школа на колаж“ со дела од светски познатите уметници Артур Жмијевски и Павел Алтхамер вечер ќе биде отворена во Музејот на современа уметност – Скопје (МСУ), а ќе трае до 25 август годинава.
Токму полскиот уметнички тандем Алтхамер и Жмијевски, изминативе две недели во една од салите на МСУ создаваа нови дела во рамки на нивниот колаборативен процес на работа, насловен како „Отворено студио“ при што ги создадоа делата кои ќе бидат изложени на претстојната изложба. Станува збор за 30-тина уметнички слики на картон со акрилна боја и колажи од стари историски книги, мапи, карти, атласи, постери, образовни графикони… Дел од делата ќе ги подарат на Музејот и со тоа ќе ја збогатат вредната колекција.
Куратор на проектот, што се реализира со поддршка на Министерството за култура и ЕВН Македонија, е Владимир Јанчевски.
Минатата година Жмијевски првпат имаше голема самостојна изложба во МСУ – Скопје. Ова претставување следуваше по неговото учество во рамки на меѓународната групна изложба „Сè што ни е заедничко“ во 2019 година во музејот.
Артур Жмијевски (1966) е визуелен уметник кој живее и работи во Варшава, автор со богата уметничка кариера, кој е фокусиран на создавање инсталации, составени од фотографија, филм и видео. Во своите дела тој го разоткрива светот на „другите“, кои често минуваат незабележани. Има изложувано на некои од најважните уметнички манифестации, како што се Венециското биенале и Документа во Касел, а бил и куратор на Берлинското Биенале во 2012 година. Неговите дела се вклучени во колекциите на некои од најреномираните уметнички институции во светот, како на пример Музејот на модерна уметност во Њујорк, Тејт Модерн во Лондон, потоа Новата Пинакотека во Минхен,…
Павел Алтхамер (1967) е визуелен уметник кој живее и работи во Варшава. Работи во различни медиуми како скулптура, перформанс, инсталација, видео. Создава скулпторски автопортрети, се појавува во перформанси и видео, настојувајќи да ја доживее материјалноста на телото и да ги дефинира сопствените ментални граници. Учествувал на најзначајните светски изложби, меѓу кои Документа 10 (1997), на Биеналето во Венеција (2003, 2013), Берлинското Биенале (2012), Skulptur Projekte Münster (2017). Добитник е и на бројни награди, како што е биеналната Награда за современа уметност во Европа „Винсент ван Гог“ во 2004 година.