Германскиот канцелар Олаф Шолц во своето денешно видео обраќање истакна дека целите за заштита на климата се приоритет и покрај зголемената загриженост за тешкотиите во снабдувањето со енергија поради руската инвазија врз Украина.
Шолц рече дека неговата цел е Германија да биде една од првите земји со нула емисија на јаглерод диоксид (CO2), а во исто време да продолжи да биде глобално конкурентна и успешна како економска сила и индустриска земја.
– Сега ќе се погрижиме конечно да напредува развојот на обновливите извори на енергија – енергијата на ветерот на море, сончевата енергија на копно, биомасата … Сето ова ни треба за производство на електрична енергија и водород за да имаме индустриска иднина без емисии на CO2. Сакаме да го постигнеме тоа до 2045 година, изјави Шолц.
Тој призна дека Германија е принудена да „проголта горчлива пилула“ затоа што е принудена привремено да користи електрани со фосилни горива кои претходно биле затворени.
– Но, тоа е само за кратко, бидејќи сега навистина почнавме да сакаме да направиме сè што можеме во борбата против климатската криза, рече Шолц и потврди дека се донесени нови, неопходни закони.