Бројни гости од земјава и од странство прв пат гледаат и слушаат за рало, со кое во минатото се орала почвата. Ова старо рало е експонат во музејот во Демир Капија. Цветанка Тодоровска Митрева, виш кустос археолог, за МИА рече дека секој од експонатите од музејската поставка, има своја приказна.
Заедничко за многу од нив, е што нивната приказна е поврзана со приказната на виното, што од многу одамна се раскажува на овие простори.
– Секој од овие предмети има огромно археолошко, културно-историско и етнолошко значење, бидејќи сведочи за повеќевековното опстојување на овој простор. Тука се алатките што во различни периоди, служеле за обработка на земјата. Најстарите предмети, како на пример ова рало. За многумина што доаѓаат, тоа е непознат предмет. Што е ова, велат странците кога доаѓаат. Но и домашни гости, се чудат штом го видат.Тоа е, им појаснуваме, најпримитивмиот предмет, алатка за обработка на почвата. Тука е и плугот кој е сепак за посовремен тип на работа. Оваа грбна пумпа веќе не се користи кај нас. Стара, бакарна, со една ваква дедо ми прскаше со модер камен, за да го заштити лозјето. Некои сега можеби уште прскаат рачно, ама со пластични грбни пумпи. Иако повеќе и повеќе се враќа употребата на модер камен, наместо тешки пестициди, им раскажуваше Тодоровска-Митрева на посетителите во оваа културна установа.
Секое доаѓање во музејот во непосредна близина на демиркаписката клисура и реката Вардар, нуди ново и неповторливо доживување. Бидејќи секој предмет овде, сведочи за многубројни тајни од минатото. Сведочи за радоста и тагата, за среќата и болката. Како што се извишуваат карпите, како што тече реката.
По којзнае кој пат го видовме и муљачот или мелачка за мелење на грозјето. Кошевите стари, во кои се носело грозје, будат фантазија кај секој што ќе ги погледне. Во главата веднаш се вртат фотографии од кошеви што тежат од грозје, но и од мали дечиња што уште не преоделе, зашто во лозарските краеви многу често бебињата спијат во лулките врзани под сенките на дрвјата крај виновите лози, проодуваат и прозборуваат меѓу лозовите насади.
– Ова е преса тешка околу 500 килограми. Многу убава, зачувана. Може и сега да работи, да се изнајмува. Еве тука излегува ширата кога се притиска грозјето. Ние овде, практично, имаме повеќе вински предмети, од кои може да се види како оди постапката од берење грозје во кошеви, па натаму до производство на божествениот пијалок, виното. Но, имаме и мал казан за ракија, копија на големите казани коишто ги има во многу дворови и во кои се пече ракија. Поседуваме и многу други предмети поврзани со консумирањето на вино, како ова буре во кое зрее виното, со многу љубов за својата професија, говореше таа пред љубопитните погледи.
Демиркапискиот кратер засега неповратно во Америка
На пано горе, во средина, насликан е кратерот од Требениште. Тука може да се слушне и приказната дека според кажувањата на жители од демиркаписко, таков во минатото бил ископан и во демиркаписко, но за жал, од диви копачи, па завршил во странство. Тоа е сад што се користел во време на архајскиот период, седми или шести век пред Христос. Кратерите служеле за мешање на виното со вода.
– Македонците како народ главно немаат традиција на микс на вино со вода, го сакаат виното чисто. Дури и денес, можеби некои ќе го расипат виното што го пијат, мешајќи го дури и со најскап сок, или некој друг пијалок. Но, главно, луѓето овде најчесто го сакаат виното чисто. Некои други народи во минатото, го пиеле виното малку поразблажено, не толку многу силно. За тоа сведочат бројни артефакти. Тие кратери служеле токму за тоа. Тој кратер од Требениште и нашиот, за кој се раскажува дека е најден во Демир Капија, ги има неколку пронајдени, се претпоставува дека потекнуваат од ист центар на производство. Нашиот, демиркапискиот, според кажувањата на околни мештани, по пад на илегални дејства, бил однесен во Америка. Денеска наводно се наоѓа во приватна колекција, откако претходно бил откупен. Се поставува прашањето, дали тоа некој очигледно го продал нашето културно богатство. Предмет со непроценлива вредност, нема цена што би можела да го плати. Културното наследство од сите сфери мора да се чува, почитува и негува. Да знаеме како да го интерпретираме и да си го сакаме, затоа што е наше и е дел од нас, им појасни Тодоровска-Митрева на посетителите кои се интересираа за археологијата, историјата, традицијата, културата.
Шлем пронајден во гробница во близина на Демир Капија, во село Корешница, е исто така атрактивен предмет за гостите во музејот.
Накит што ѕвечка против болести и лоши духови
Две стари урни исто така привлекуваат внимание во витрина во демиркапискиот музеј.
– Стари се, но многу важни, потекнуваат од пред 1.100 години пред Христа, или од пред три илјади години. Станува збор за стари и оригинални артефакти. Ни кажуваат за еден ритуал на погребување на покојници со спалување на телото на покојникот и положување на пепелта во урна. Уникатни се по сликарството, декорацијата, украсувањето, геометриските мотиви на нив. Имајќи го во предвид насликаното, ние можеме со мислите да се вратиме назад во времето и да видиме како тие луѓе од тој праисториски период, работеле рачно. Урните се доста интересни за посетителите. Тие се мошне значајно културно наследство кое вреди да го чуваме и да го презентираме пред светот, децидна беше Тодоровска-Митрева.
Таа потсети дека музејот во Демир Капија беше отворен во 2010 година, со одлука на Советот на општината, во договор со локалното семејство на Звонимир Будимировиќ, кое својата приватна колекција на стари предмети ја подари на локалната самоуправа. Колекцијата се состои од археолошки предмети и предмети што сега се наоѓаат во винската галерија.
Во изминатите десет години, рече, во рамки на можностите, работеле на терен, вршеле археолошки истражувања и пронаоѓале одредени археолошки предмети кои говорат за историјата, традицијата и културата на живеењето на овие простори. Многу често на терен се среќавале со предмети од средновековието.
– Ова е средновековен накит, главно од бронза, временски детерминиран од 12 до 14 век. Имаме и примероци од сребро, наушници, изработени во техника филигран и гранулација. Имаме и уникатен примерок украсен со стаклена паста во сини, тиркизни и црвени нијанси. Силно се верувало дека ѕвечкањето, тропкање на накитот, ќе ги заштити тогашните луѓе од болести и лоши духови. Прстените што можат да се видат, се украсени со ист мотив, цветот крин или лилјан. Силно било верувањето во Богородица. Тој цвет се поврзува со плодноста, родот. Тогашните луѓе се раководеле од убедувањето дека овој мотив ќе ги заштити од големата смртност, посебно кај помладата популација. Еве тука еден градежен елемент што содржи цртеж од доцната антика или раното христијанство. Знакот на Христос, христовиот монограм, од времето на зачетоците на христијанството, сподели Тодоровска-Митрева.
Го напуштивме музејот во Демир Капија со желба повторно да дојдеме, како што посакуваат повторно да дојдат на пример многу холандски гости за кои ова е посакувана туристичка дестинација. Или, како што изразуваат желба за нова дружба со експонатите во музејот, туристите кои транзитираат низ блискиот автопат, алтернативните туристи љубители на каменото царство на клисурата и на птиците, спелеолозите.
Демир Капија секогаш нуди нова и неповторлива авантура. Заминавме, додека во главата ни одѕвонуваа зборовите што најдобро го опишуваат неговото височество, виното. Ако е водата живот, тогаш виното е здравје. Се разбира, ако се консумира во нормални количини. И се разбира, чисто.