Во организација на културно-уметничкото друштво „Панче Пешев“ и младинскиот културен центар „Козјак“ од Куманово, од утре до четврток, пред Центарот за култура ќе се одржи третиот по ред Меѓународен фолклорен фестивал.
На трите фестивалски вечери ќе настапат десет ансамбли од земјава и странство. Пред кумановската публика ќе се претстават гости од Мексико, Полска, Србија и Бугарија, како и ансамбли од Скопје, Кратово и Куманово.
– Годинава имаме квалитетен избор на гости и ќе понудиме разновидна програма за сите вкусови и за сите генерации. Ги повикувам сите граѓани кои го сакаат фолклорот, да најдат време и да побегнат од секојдневните обврски, да дојдат и да уживаат во богатата програма на ансамблите, изјави претседателот на организацискиот одбор на фестивалот, Мирослав Крстевски.
Фестивалот ќе почне во вторник во 18 часот со дефиле низ градските улици, а свеченото отворање е во 19.30 часот на платото пред Центарот за култура во Куманово. Први ќе настапат игроорците од КУД „Панче Пешев“ од Куманово, по нив ансамбл „Слованки“ од Полска, студио „Блажевски“ од Скопје, „Варна“ од Бугарија, КУД „Иво Лола Рибар“ од Србија.
Првата вечер ќе ја затвори фолклорниот ансамбл „Алијанса“ од Мексико. Во среда, на 20 јули, ќе настапат КУД „Бајрам Шабани“ од Куманово, ансамбл „Варна“ од Бугарија, фолклорно студио „Етнос“ од Скопје, ансамбл „Слованки“ од Полска, фолклорниот ансамбл „Алијанса“ од Мексико и КУД „Иво Лола Рибар“ од Србија. Фестивалот ќе го затворат КУД „Гоце Марковски“ од Долно Лисиче, КУД „Ефрем Каранов“ од Кратово, фолклорниот ансамбл „Алијанса“ од Мексико, КУД „Иво Лола Рибар“ од Србија, ансамбл „Словјанки“ од Полска и ансамбл „Варна“ од Бугарија.
Фестивалот се релизира со поддршка на Општина Куманово и Министерството за култура.