Дуото кларинети Ѓоревски-Бакревски синоќа одржа концерт во ЦК „Бели мугри“ во Кочани, во рамки на летната културна понуда и годишната музичка програма на институцијата.

Двајцата кларинетисти, кои сочинуват единствен камерен состав од таков вид во државата, пред кочанската публика се претставија со класични композиции од класицизмот и романтизмот, џез теми за кларинет, како и обработките „Пајдушка минијатура“ и „Пелистерско оро“, што наменски ги направија композиторите Дарко Илиевски и Дамир Имери.

-Наша цел е да го истражуваме и претставуваме репертоарот што е ретко интерпретиран на концертните подиуми кај нас, а тоа да биде и поттик за нашите автори да создаваат дела за вакви камерни состави. Дури и во странство многу ретко може да се видат настапи на состави со дела наменети за кларинети, а ние досега имавме успешни настапи во Словенија, САД, Австрија, Словачка, Бугарија. Ја презентираме класичната, но и домашната музика пред публиката во повеќе македонски градови, а за првпат сме во Кочани и наидовме на добар прием, истакна кларинетистот Ристо Ѓоревски.

-И двајцата сме битолчани, а како дел од оркестарот на Македонската опера и балет се знаеме од поодамна и така почна нашата соработка. Настапуваме со околу 90 отсто оригинални дела, компонирани за два кларинета, а имаме и домашни автори кои специјално компонираа или обработија музички дела од нашето фолклорно богатство, истакна Игор Бакревски.

За своите досегашни настапи Дуото кларинети Ѓоревски-Бакревски е наградувано повеќепати на домашни музички натпревари, а на меѓународниот натпревар во Штањел, Словенија ја освои сребрената награда во категоријата камерни состави.