САД и сојузниците разгледуваат можности за обука на украински пилоти, како дел од долгорочните напори потенцијално да му помогнат на Киев да создаде ново воено воздухопловство, изјави командантот на американските воздухопловни сили Чарлс Браун.

За време на летот за Аспен, Колорадо каде учествува на безбедносен форум, Браун призна дека се воделе такви дискусии меѓу претставниците на американската војска и нејзините сојузници.

„Сакаме да направиме долгорочен план како да ги изградиме нивните воздушни сили според нивните потреби во иднина“, рече Браун кој и самиот е пилот, без да потврди каква било одлука по односното прашање.

Пред неколку дена Претставничкиот дом на американскиот Конгрес усвои мерка што, доколку биде усвоена, ќе значи одобрување сто милиони долари за обука на украински пилоти и сервисни техничари на американски борбени авиони.