Шест месеци откако руските сили ја започнаа инвазијата на Украина со надеж за „блицкриг“, конфликтот ескалира во тотална и немилосрдна војна со секојдневни воздушни напади и борби на кои не им се гледа крај.

Поголемиот дел од истокот и југот на Украина е под руска контрола, што го остави Киев без пристаништа на Црното Море, кои се клучни за извозот на жито, исклучително важно на украинската економија.

Русија, од друга страна, страда под западните санкции, иако малкумина очекуваат рускиот претседател Владимир Путин толку брзо да го прекине своето бавно, но упорно напредување низ украинската територија, а камоли да ја отстапи територијата што веќе ја окупираше.

Колку долго би можела да трае војната?

Двете страни претрпеа големи загуби во воена сила и опрема, но ниту една не размислува за прекин на огнот.

Украинците веруваат дека водат егзистенцијална битка за одбрана на својата нација, која Путин не ја признава сметајќи ја за историска грешка.

- Никој не може да победи во такви околности, вели Константин Калашев, политички аналитичар од Москва. - Оваа „специјална воена операција“ може да трае со години. Русија се надева дека ќе победи со исцрпување на своите противници… Времето не е на страната на Украина и нејзината економија може да пропадне.

Мари Думулен, директорка на Европскиот совет за надворешни односи, рече дека ќе биде потешко за двете страни да се повлечат сега поради силната поддршка од западните сојузници.

- Секоја страна мисли дека се уште може да надвладее со воени средства, така што тешко дека војната ќе заврши брзо, рече таа.

Путин, исто така, го става конфликтот во контекст на рускиот отпор кон експанзионистичкото НАТО, сметајќи дека секоја сугестија за „пораз“ е неприфатлива.

Тој би можел да ја казни желбата на Украина за поблиска интеграција со Европската унија со напредување кон клучното пристаниште Одеса, во суштина отсекувајќи ја Украина од морето и задушувајќи го нејзиниот извоз.

Во исто време, украинскиот претседател Володимир Зеленски би можел повеќе да цели кон тактички успеси, како што е потонувањето на рускиот ракетен крстосувач Москва во април, па дури и да се обиде со контраофанзива за ослободување на некои области.

- Ова ќе му овозможи дополнително да ги мотивира украинските војници и општеството и да ги оправда своите барања за поголема помош од европските партнери, рече Думулен.

Може ли Украина да продолжи да се спротивставува?

Воената опрема и разузнавачките информации добиени од Европа и САД им овозможија на украинските сили да ги забават, но не и да ги запрат руските сили во Донбас и долж брегот на Црното Море. Но, тоа и овозможува на Русија да ги консолидира своите позиции, имајќи предвид дека таа веќе воспостави воено присуство на Крим во осумте години од анексијата.

А повиците на Зеленски за понапредно и помоќно оружје досега не вродија со плод.

- Украинскиот народ е обединет и ја поддржува владата, но таа стабилност во голема мера се потпира и на идејата дека Западот и помага на Украина во оваа војна, рече Димитри Минит, научник од Францускиот институт за меѓународни односи во Париз.

Доаѓањето на студеното време, исто така, ќе ја тестира решителноста на Украинците доколку се соочат со недостиг на гориво и намалување на електричната енергија или греење и други тешкотии, особено ако уште повеќе луѓе се принудени да ги напуштат своите домови поради борбите.

Думулен рече дека 40 отсто од училиштата во Украина ќе останат затворени на почетокот на новата учебна година, што може да има големи психолошки последици.

- Многу ќе зависи од нивната способност да ја преживеат зимата, особено оние кои се зад првите редови… Ќе биде тешко, рече таа.

Ќе преживее ли руската економија?

И покрај погрешната проценка на Москва за способноста на Украина да се спротивстави, Русија изгледа подготвена да ја плати цената на долготрајната војна.

Сојузниците на Украина се обидоа да ја задушат руската економија со притискање на извозот на нафта и гас, истовремено воведувајќи санкции кои го ограничуваат увозот и принудуваат многу западни компании да ја напуштат земјата.

Но, „сметките од извозот, главно нафта, гас, јаглен и други стоки, не само што продолжија да доаѓаат, туку и ги надминаа очекувањата“, рече Крис Вифер, долгогодишен руски аналитичар во консултантската фирма „Macro-Advisory“.

Обичните Руси веќе доживеаја санкции по анексијата на Крим, а владата наскоро најде нови извори за индустриски компоненти и други материјали од Турција и Азија.

- Економијата, индустријата и луѓето имаа осум години да се прилагодат на санкциите за земјата и жителите да бидат подобро подготвени и посамостојни денес, барем кога станува збор за основните работи, рече Вифер.

Сепак, целосното влијание на санкциите може да почне да се чувствува во наредните години бидејќи Русија ги пренасочува средствата од воените инвестиции, а странските компании остануваат претпазливи.

- Целосниот ефект ќе го почувствуваме за околу пет години, рече Калашев.

Кои се можните исходи?

Ако конфликтот се влоши во текот на зимата и во 2023 година, многу ќе зависи од тоа дали Западот ќе продолжи да помага, особено ако гласачите сметаат дека цената на војната, првенствено во однос на зголемувањето на цените на горивото и храната, станува превисока.

- Веројатно ќе дојде време кога Путин ќе смета на уморот на Западот и ќе понуди одредени отстапки… со цел да ги охрабри западните лидери да извршат притисок врз Украина да го прекине конфликтот под руски услови, рече Думулин.

Доколку се исклучат некои катастрофални воени погрешни проценки, украинската војска најверојатно нема целосно да пропадне, а малкумина очекуваат Зеленски да се согласи на какви било преговори кои не вклучуваат враќање на целата изгубена украинска територија, вклучително и Крим.

И ако неговите сојузници продолжат да му помагаат и да испраќаат оружје, воената предност на Русија може постепено да се намалува. Тоа, исто така, може да ја загрози поддршката на Путин дома и можеби да ги катализира опозициските сили пред претседателските избори во март 2024 година.

- Тензиите меѓу Кремљ и она што остана од граѓанското општество ќе се влошат со објавување војна, воена состојба и општа мобилизација, рече Миниц. - Особено во големите градови како Москва или Санкт Петербург, каде што опсесивната антизападна нарација има послаба основа.