Претседателката на регионот Реунион, Хјугет Бело, денеска најави делумно отворање во недела на новиот крајбрежен пат, вијадукт на неколку десетици метри од брегот, изграден за да го намали метежот на виталната патна оска на овој француски остров во Индискиот Океан, јави дописникот на МИА од Париз.
Изграден во морето во средината на Индискиот Океан на крајот на гигантскиот проект започнат во 2015 година, оваа сообраќајна оска која ќе биде долга 10,5 километри кога ќе биде завршена во 2028 година, веќе чинеше повеќе од две милијарди евра, а првично беше планирано да чини 1,6 милијарди евра.
Сегашниот крајбрежен пат е познат по бројните затворања поради климатските услови и ризикот од лизгање на земјиштето од карпата што се надвиснува над него, додека секојдневно го користат 60.000 возила. Новиот пат, кој го поврзува главниот град Сен Дени со местото Гранд Шалуп, првично ќе се отвори само во северозападен правец на дел од осум километри, а во двете насоки пред крајот на 2022 година.
„Ова е настан што го чекаат луѓето од Реунион. Толку многу им ветивме“, рече Бело на прес-конференцијата.
Регионот Реунион потоа ќе треба да го започне вториот дел од работата: нов вијадукт делумно финансиран од државата, во износ од 420 милиони евра, за вкупна цена од 840 милиони евра. Регионот отвори нов јавен повик за негово градење што ќе го поврзе Гранд Шалуп со градот Ла Посесион и ќе овозможи целосно затворање на стариот крајбрежен пат. Овој втор вијадукт првично требаше да биде насип. Проект оспорен на суд од страна на еколошките активисти, поради огромното количество карпи неопходни за негова реализација, со претпоставка за отворање нови каменоломи на островот за извршување на оваа работа. Судот на крајот се спротивстави на отворањето на овие каменоломи. Токму во тој контекст беше одлучено да се отвори првиот дел од вијадуктот, што ќе доведе до изградба на врска помеѓу вијадуктот и Гранд Шалуп