Високата комесарка за човекови права на Обединетите нации (ОН), Мишел Башеле денеска апелираше до рускиот претседател Владимир Путин да го прекине „вооружениот напад врз Украина“.

На прес-конференцијата на крајот од мандатот Башеле накратко зборуваше и за конфликтот во Украина, повикувајќи на демилитаризација на нуклеарната централа во Запорожје.

– Го повикувам рускиот претседател да го запре вооружениот напад врз Украина … Фабриката во Запорожје мора веднаш да се демилитаризира, рече Башеле.

Таа додаде дека, според податоците на ОН, најмалку 5.587 цивили се убиени, а 7.890 се ранети од почетокот на руската инвазија. Меѓу жртвите има и речиси 1.000 деца.

– Вчера беа шест месеци откако Русија ја нападна Украина. Неверојатно застрашувачки шест месеци за украинскиот народ, од кој 6,8 милиони мораа да ја напуштат својата земја. Милиони се внатрешно раселени, рече поранешната чилеанска претседателка.

Таа изјави дека половина година подоцна, борбите продолжуваат, со незамисливи ризици за цивилите и животната средина поради непријателствата во близина на нуклеарната централа Запорожје.

Башеле ги повика двете страни да го почитуваат меѓународното право, човековите права и меѓународното хуманитарно право.

– Меѓународната заедница мора да инсистира на принципот на одговорност за многу документирани тешки прекршувања (на меѓународното право), од кои некои би можеле да бидат воени злосторства, изјави високата комесарка на ОН за човекови права.