Рускиот претседател Владимир Путин вчера потпиша указ за зголемување на бројот на руските оружени сили од следната година. Американскиот Институт за воени истражувања со седиште во Вашингтон проценува дека таквата одлука на Москва веројатно нема да генерира значителна борбена моќ во блиска иднина.
Истиот извор смета дека указот исто така е показател дека Путин најверојатно не планира во догледно време да нареди масовна мобилизација.
„Руската армија веројатно сака да се опорави од загубите, за да може да продолжи со воените операции во соседната држава. Релативно скромната, но веројатно неостварливата цел сугерира дека Путин останува решен да избегне целосна мобилизација“, цени Институтот за воени истражувања.
Целосната мобилизација, како што се посочува од Институтот, би била непопуларна одлука со потенцијал да ги засили тензиите во руското општество.
Претходно оваа седмица високопоставен руски дипломат за весникот „Фајненшл тајмс“ изјави дека не гледа дипломатско решение за конфликтот во Украина и дека очекува долготрајна војна.
Со потпишаната Уредба се предвидува вкупниот број воени службаници во Русија од 1 јануари следната година да се зголеми на 2,04 милиони од сегашните 1,9 милиони.
Суштинското во указот е тоа што ќе се зголеми воениот персонал под оружје и тоа за 137 илјади војници, на 1,15 милиони.
Институтот за воени истражувања сепак смета дека мала е веројатноста тоа да биде постигнато, имајќи ги предвид сличните мерки од минатото кога не биле исполнети зацртаните цели.
Како пример е посочен податокот дека непосредно пред инвазијата на Украина на 24 февруари годинава руската армија имала 850 илјади војници во активна служба, што е далеку од номиналната бројка од над милион.