Мисија на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) следната недела треба да ја посети нуклеарната централа „Запорожје“, соопштија денеска украинските власти.
Советничката на украинскиот министер за енергетика, Лана Зеркал, изјави за новинарите дека во моментот се разгледуваат логистичките прашања околу посетата на мисијата на МААЕ на нуклеарната централа во Запорожје, што е под контрола на руските сили.
Таа ја обвини Русија дека се обидува да ја саботира посетата на претставниците на МААЕ.
„Иако Русите се согласија да дозволат мисијата да патува низ територијата на Украина, тие сега вештачки креирааат услови мисијата да не стигне до објектот поради ситуацијата во регионот“, тврди Зеркал.
Украинската нуклеарна компанија „Енергоатом“ претходно денеска соопшти дека сите шест реактори на нуклеарната централа „Запорожје“ се уште се исклучени од електричната мрежа.