Инфлацијата во САД забави минатиот месец поради падот на цените на енергијата, објави денеска Министерството за трговија.
Според извештајот на Министерството, потрошувачките цени во јули се зголемени за 6,3 отсто во однос на истиот месец лани, додека во јуни е забележан годишен пораст од 6,8 отсто, што е најголем скок од 1982 година.
Таканаречената базична инфлација, која ги исклучува нестабилните цени на храната и енергијата, минатиот месец се зголеми за 4,6 отсто во однос на истиот период лани, откако во јуни се зголеми за 4,8 отсто. Заедно со намалувањето на индексот на потрошувачките цени, ова укажува на можно намалување на инфлаторните притисоци во САД.
На месечна основа, потрошувачките цени всушност паднаа за 0,1 отсто од јуни до јули, додека базичната инфлација се зголеми за 0,1 отсто, соопшти американското Министерство за трговија.
Инфлацијата во САД почна нагло да расте во пролетта 2021 година, откако американската економија закрепна од кратката, но разорна рецесија поради пандемијата на коронавирусот.
Високата инфлација е светски проблем, особено поради порастот на глобалните цени на храната и енергијата поради руската инвазија врз Украина.