Со целовечерен концерт во Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп и во присуство на гости од Србија, Културно-уметничкото друштво „Мирче Ацев“ синоќа одбележа 75 години постоење.
Прилепското друштво е едно од најстарите во земјава, формирано во 1947 година и до денес има одржано околу 5000 концерти, настапи во земјава и насекаде во светот, претставувајќи го, негувајќи го богатиот македонски фолклор.
Горан Василески, претседател на Друштвото, вели дека огромна е честа да се биде на чело на Друштво кое седум и пол децении создавало своевидна културна историја.
-Седум и пол децении не се само јубилеј на КУД „Мирче Ацев“, туку се и 75 години опстојување на фолклорот и традицијата во Прилеп и презентирање на традиционалните игри и песни на, буквално, сите континенти во светот. Друштвото е и амбасадор кој секаде ги презентира традиционалната носија, игри, песни. Се надевам дека овој континуитет ќе опстојува, па и за 100-годишен јубилеј, изјави Василески.
Играорецот Филип Талески во Друштвото е уште од седумгодишна возраст.
-Играњето традиционални ора е моја посебна љубов. Тоа е непроценливо за мене. Планирам да играм дури можам. Доволно е и натаму да има луѓе да го претставуваат богатиот фолклор секаде, сите да видат какво културно богатство ни останало од нашите дедовци и прадедовци, вели младиот Филип Талески.
Елена Николоска е девет години играорец во КУД „Мирче Ацев“.
-Нашиот фолклор секаде во светот се смета како значаен. Во сите држави каде што сме престојувале, со гордост сме го претставувале и сме предизвикувале голем интерес со носијата, песната, со играњето, вели Николоска.
На јубилејниот концерт на КУД „Мирче Ацев“, покрај октетот „Прилеп“, гостуваа и од КУД „Змај“ од Ириг, Србија. Тијана Јуришиќ, кореограф од ова Друштво вели дека со „Мирче Ацев“ имаат одлична соработка и ова гостување е посебно, поради големиот јубилеј.
-Повеќе години соработуваме. Повторно се дружиме и сите ја чуваме традицијата која на овие простори е многу богата. Овој јубилеј на КУД „Мирче Ацев“ е многу голем и со посебно значење. Со нашето гостување сакаме и соодветно да им го честитаме на „колегите“, рече Јуришиќ.
Со прилепското друштво „Мирче Ацев“ со децении е кореографот Славе Јовески кој посветено работи со сите генерации играорци и се надева дека уште долго ќе постојува Друштвото, а со тоа и негувањето и претставувањето на македонскиот фолклор, зашто се изведуваат ора и песни од сите краишта на Македонија. Тој догодина ќе прослави и 50 години откако станал играорец, а потоа и кореограф.
Одбележувањето на големиот јубилеј, 75 години од постоењето на КУД „Мирче Ацев“, кое своевремено се врзува и со Илија Лашкоски и Пеце Атанасовски, основачите на долненскиот фестивал на народни песни и инструменти, е поддржано од Министерството за култура.