САД доделуваат 2 милиони долари хуманитарна помош за деминирање во областите во Јужен Кавказ опфатени од интензивните воени дејствија во 2020 година меѓу Ерменија и Азербејџан.

-Мините и неексплодираните направи низ целата зона на конфликтот продолжуваат да убиваат или осакатуваат цивили, го блокираат економскиот развој и спречуваат безбедно враќање на раселените заедници, се вели во синоќешното соопштение на портпарол на Стејт департментот.

-Овие средства се дополнение на 500,000 долари дадени лани во ноември и служат за зајакнување на техничките капацитети на организациите за деминирање, тие да можат да ги отстранат смртоносните мини со што ќе се овозможи раселените лица да се вратат дома и да продолжат безбедно со нормален живот.

Од Стејт департментот соопштија и дека САД се најкрупниот финансиски поддржувач за уништување на конвенционалното вооружување во светот, со тоа што од 1993 година инвестирале 4.3 милијарди долари во повеќе од 100 земји, а за промоција на меѓународен мир и безбедност со повикување на заканите што копнените мини и неексплодирани направи претставуваат за цивилите.