Руските единици се повлекуваат од градови во источниот регион Луганск, соопштува претставник на украинските власти.

„Денеска нема никој во градот Кременаја – нема полиција, канцелариите на командантот и обвинителот се празни, сите побегнаа”, ја пренесува ДПА изјавата на украинскиот гувернер на областа Луганск, Сергиј Гајдаи.

Информациите на украинскиот претставник засега не можат да бидат потврдени од независни извори.

Во текот на вчерашниот ден руски блогери што објавуваат информации за состојбата на фронтот соопштија дека украинските војници навлегле во селото Белогоровка. Населеното место се наоѓа во близина на Кременаја, на другиот брег на реката Северски Донец.