Сите летови од двата главни аеродроми на кинеската метропола Шангај денеска се откажани, поради приближувањето на тајфунот „Муифа“.
Управата на операторот што стопанисува со аеродромите „Пудонг“ и „Хонгчиао“ соопшти дека благовремено ќе бидат објавени евентуалните промени во летовите зависно развојот на ситуацијата со временските прилики.
Тајфунот „Муифа” се очекува до 11 часот по Гринич да стигне до кинеското крајбрежје, со најави за интензивни врнежи и силни ветрови во источните кинески провинции Жеџијанг и Фуџијан – како и во самиот Шангај, стопанскиот центар на Кина.
Властите на провинцијата Жеџијанг издадоа наредба сите бродови да се вратат во пристаништата. Училиштата и туристичките места се затворени. Најверојатно со невремето ќе бидат зафатени и пристаништата Нингбо и Жоушан јужно од Шангај, инаку две од најпрометните пристаништа во светот.
„Муифа” е дванаесеттиот тајфун што ја зафати Кина оваа сезона.