Кинескиот претседател Си Џинпинг денеска на Самитот на Шангајската организација за соработка, што се одржува во Узбекистан, апелираше за „поправеден и порационален“ меѓународен поредок.

– Лидерите мора заедно да работат на промоција на меѓународниот поредок кој се движи во поправеден и рационален правец, истакна Си на Самитот во Самарканд, чија цел е да биде противтежа на Западот.

Шангајската организација за соработка е формирана во 2001 година и ги обединува Кина, Русија, четири централноазиски земји (Казахстан, Киргистан, Узбекистан и Таџикистан), Индија и Пакистан.

– Треба да ги промовираме заедничките вредности на хуманоста, да ги напуштиме игрите „нулта сума“ (неможноста двајцата играчи да победат) и политиката на создавање блокови, посочи Си.