Одлуката на Соединетите американски држави за целосно укинување на ембаргото за извоз, реекспорт и трансфер на оружје во Република Кипар, воведено во 1987 година, предизвика задоволство кај кипарската Влада, а Никозија ќе треба да продолжи да соработува со Вашингтон во реформите за спречување на перење пари, но и во забраната руски воени бродови да полнат гориво на кипарските пристаништа, јави дописничката на МИА од Атина.
Од Стејт Департментот соопштија дека „државниот секретар Ентони Блинкен му потврди на Конгресот дека Република Кипар ги исполни потребните услови според релевантното законодавство за да дозволи одобрување на извоз, реекспорт и трансфери на одбранбени производи во Република Кипар за фискалната 2023 година“, а усогласеноста со поставените услови ќе се оценува на годишно ниво.
Потребно е кипарската Влада да продолжи да соработува со Владата на САД „во напорите за спроведување на реформите за прописите за спречување на перење пари и финансискиот регулаторен надзор, но и дека Владата на Република Кипар направи и продолжува да ги презема неопходните чекори за да се забрани пристапот на руските воени бродови до пристаништата за полнење гориво и сервисирање“.
Конкретната американска одлука ќе стапи на сила од 1 октомври 2022 година.
Министерството за надворешни работи на Кипар ја поздрави одлуката на САД за целосно укинување на ембаргото за оружје од 1987 година и коментира дека е „политичка пресвртница што го илустрира континуираното продлабочување на стратешкото партнерство меѓу двете земји во безбедност и одбраната како составен дел од мозаикот за регионална стабилност“.
-Република Кипар ја поздравува оваа одлука, која е резултат на исполнувањето на сите услови поставени со законската регулатива „Eastern Mediterranean Security and Energy Partnership Act“ донесена од Американскиот Конгрес во 2019 година. Ова е значајна одлука која го потврдува суштинското и практично зајакнување на билатералните односи меѓу Кипар и САД на полето на безбедноста и одбраната, соопштија од кипарското МНР.
Кипарскиот претседател Никос Анастасиадис преку Твитер коментираше дека „ова е значајна одлука, која ги одразува растечките стратешки односи меѓу двете земји, вклучително и во областа на безбедноста“.
Министерот за одбрана на Кипар Хараламбос Петридис, на својот Твитер профил напиша дека одлуката е особено важна разврска, за која интензивно работеле во изминатиот период, со цел продлабочување на соработката во одбранбениот и безбедносниот сектор.
Со став излезе и шефот на грчката дипломатија Никос Дендиас, кој исто така преку Твитер ја поздрави одлуката, изрази задоволство, коментираше дека е пресвртница во американско- кипарските односи и истакна дека „Грција, заедно со Кипар и САД ќе продолжи да работи за унапредување на безбедноста и стабилноста во Источниот Медитеран, секогаш врз основа на меѓународното право и особено на меѓународното право на морето“.
Кипарските медиуми коментираат дека станува збор за историска одлука за нормализирање на одбранбените односи меѓу САД и Кипар.