Зајакнувањето на врските со Пекинг е главна политичка цел на Кремљ, изјави високопоставен претставник на Москва за време на посетата на Кина.
Николај Патрушев, секретар на Советот за национална безбедност со кој претседава рускиот претседател Владимир Путин, го опиша „зајакнувањето на сеопфатното партнерство и стратешката соработка со Кина како безусловен приоритет на руската надворешна политика“.
Патрушев на средбата со Гуо Шенгкун, висок функционер на Комунистичката партија на Кина, истакнал дека двете држави во сегашните услови мора да покажат „уште поголема подготвеност за меѓусебна поддршка и развој на соработката“. ;
По средбата одржана во кинескиот град Нанпинг од кабинетот на Патрушев во соопштение се наведува дека двете страни се договориле да ја прошират размената на информации за странските обиди за поткопување на уставниот поредок на двете земји насочени кон загрозување на независната политика на Русија и Кина.
Како што соопшти кабинетот на Патрушев, тие се договориле и за проширување на соработката во областа на кибер-безбедноста и зајакнување на контактите меѓу националните агенции во борбата против тероризмот.