На Унгарија ѝ треба време и ги повикува своите партнери од Европската унија да бидат „толерантни“, изјави денеска унгарската министерка за правда Јудит Варга.
Таа го изјави ова откако Европската комисија предложи да се прекине издавањето на средства за Унгарија во вредност од околу 7,5 милијарди евра, поради загриженоста за демократското назадување и можното лошо управување со фондовите на ЕУ.
Варга рече дека Унгарија предложила 17 мерки кои „можат да ги отстранат сите грижи“ кои ги изнесе Европската комисија.
– Потребно е време, бидејќи дури и да има забрзани процедури за донесување закони и изменување на законите, неопходно е да се формираат нови институции. За тоа треба да ангажирате нови кадри, им рече Варга на новинарите во Брисел и додаде дека очекува Унгарија да има рок до средината на ноември да покаже дека е на вистинскиот пат.
Европскиот комесар за буџет Јоханес Хан претходно изјави дека и покрај мерките што ги предложи Унгарија за коригирање на недостатоците, Европската комисија препорачува суспендирање на дел од обврските за три оперативни програми во рамки на кохезионата политика, во проценета сума од 7,5 милијарди евра.
Кохезиските фондови, еден од најголемите делови на буџетот на ЕУ, им помагаат на земјите да ги надградат своите економии и инфраструктура до стандардите на ЕУ.
Тој рече дека Унгарија до 19 ноември треба да одговори и да ги исправи приговорите на Унијата.