Државниот секретар Ентони Блинкен денеска во Њујорк се сретна со турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу, објави американскиот Стејт департмент.
Блинкен и Чавошоглу дискутирале за тензиите во Јужен Кавказ и за војната во Украина.
– Државниот секретар истакна дека САД продолжуваат со ангажманот за посредништво во дијалогот меѓу Азербејџан и Ерменија за помош во достигнување на долгорочно политичко решение на конфликтот, изјави портпаролот Нед Прајс.
Тие исто така дискутирале и за начини за подобрување на координацијата и сојузништвото во НАТО во одговорот на војната на агресија на Русија во Украина.
– Државниот секретар ги пофали дипломатските напори на Турција за обезбедување испораки на украинско жито низ Црното Море, и ја истакна важноста од одржување на договорот постигнат со посредништво на ОН, и дека очекува Москва да ги одржи дадените ветувања околу тоа, рече Прајс.