Јавната обвинителка на Њујорк го обвини поранешниот американски претседател Доналд Трамп и неговата компанија за измама, тврдејќи дека со лаги го зголемил имотот за милијарди долари, вклучувајќи терени за голф, хотели и неговите домови во „Трамп Тауер“ и Мар-а-Лаго на Флорида, јави радио Слободна Европа.

Според државната обвинителка Летиција Џејмс тоа e „уметност на крадење“.

Нејзината тужба, поднесена во државниот суд во Њујорк, е резултат од тригодишната граѓанска истрага против Трамп и Организацијата Трамп. Трите најстари деца на Трамп, Доналд Џуниор, Иванка и Ерик Трамп, исто така се обвинети, заедно со двајца долгогодишни директори на компанијата, Ален Вајзелберг и Џефри Мекоун.

Џејмс бара Трамп и другите обвинети да платат најмалку 250 милиони долари, што, според неа, е приближна вредност на придобивките што ги добиле од лажното претставување. Таа информира дека нејзината канцеларија ја поднела тужбата, која е граѓанска, а не кривична, откако ги одбила понудите за спогодба од адвокатите на обвинетите.

– Оваа истрага откри дека Доналд Трамп со години се занимавал со незаконско однесување за да ја зголеми својата нето вредност, да ги измами банките и луѓето во државата Њујорк. Да тврдиш дека имаш пари што ги немаш не е уметност на договорот. Тоа е уметност на крадење, рече таа.

Истрагата открила потенцијални злосторства, вклучувајќи фалсификување деловни документи, издавање лажни финансиски извештаи, измама со осигурување, заговор и банкарска измама.