Американските власти ќе воведат нови санкции за високи ирански функционери поради „насилниот“ одговор на Владата во Техеран на протестите, најави претседателот Џо Бајден.
Бајден е „сериозно загрижен поради извештаите за се поинтензивното насилно задушување на мирните протести во Иран, меѓу кои и студенти и жени кои бараат еднакви права и основно човечко достоинство“.
Американскиот претседател најави дека Вашингтон во текот на оваа седмица ќе објави нови санкции за „извршителите на насилства“ врз демонстрантите.
„Ќе продолжиме да бараме одговорност од иранските власти и да ги поддржуваме правата на Иранците да протестираат слободно“, вели тој.
Стотици илјади луѓе низ Иран протестираат против Владата по смртта на 22-годишната Махса Амини која почина откако беше уапсена од полицијата поради непристојно однесување бидејќи ги прекршила правилата за носење хиџаб. Таа почина во болница на 16 септември откако падна во кома, а точната причина за нејзината смрт се уште не е утврдена.
Очевидци на ситуацијата од Техеран тврдат дека двете страни стануваат сè понасилни на протестите. Организацијата Иран за човекови права, со седиште во Норвешка, објави во неделата дека безбедносните сили досега убиле 133 демонстранти, јави „Би-Би-Си“.