Белата куќа соопшти дека американскиот советник за национална безбедност одвоено разговарал со неговите колеги од Јужна Кореја и од Јапонија за денешната севернокорејска проба при што е тестирана балистичка ракета што го надлета јапонското копно.
„Во двата повици, советниците за национална безбедност се консултираа за соодветни и цврсти заеднички и меѓународни одговори, а советникот за национална безбедност Џејк Саливан ги потенцира цврстите заложби на САД за одбрана на Јапонија и Република Кореја (Јужна Кореја)“, се посочува во соопштението на портпаролката за национална безбедност Адриен Вотсон.
Северна Кореја денеска истрела балистичка ракета со среден дострел над јапонското копно, што го натера Токио да го активира системот за ракетно предупредување во земјата и да им нареди на луѓето на островот Хокаидо да се засолнат.
Во посебна изјава, американската Индо-тихооеканска команда исто така го осуди лансирањето на ракетата.
„САД ги осудуваат овие акции и ја повикуваат Пјонгјанг да се воздржи од понатамошни незаконски и дестабилизирачки акти“, се вели во соопштението.