Европската унија треба да го зајакне својот отпор кон руската дезинформација и пропаганда, особено во екот на нејзината агресија врз Украина, а аспирантите за членство во Унијата не смеат да бидат со оние кои „сакаат да и наштетат на Европа“, беше кажано денеска на седницата на Европскиот парламент.

-Руската пропаганда навлезе во нашите општества преку рубљата на олигарсите на нашите екрани, во нашите весници и на нашиот јавен простор. Руската пропаганда и дезинформации се насочени кон европската и меѓународната публика со цел да се намали поддршката за Украина, рече потпретседателот на Европската комисија, Маргаритис Схинас, во дискусијата за „борбата против антиевропската и антиукраинската пропаганда на европските партнери на Путин“.

Схинас изјави дека Работната група за дезинформациите во војната во Украина, формирана од Европската опсерваторија за дигитални медиуми (ЕДМО), идентификувала повеќе од 1.600 случаи на воени дезинформации.

По почетокот на војната во Украина, социјалните мрежи ги блокираа руските државни медиуми.

– „Русија тудеј“ и „Спутник“ очигледно беа пропагандни машини, истакна Схинас.

Потпретседателот на ЕК додаде дека партнерите на ЕУ, меѓу нив и земјите кандидати за членство во Унијата, повеќе не можат да седат на две столчиња.

-Тие не можат да бидат со нас и со оние кои сакаат да ни наштетат во исто време, рече Схинас, додавајќи дека ЕУ треба да го зајакне својот отпор кон дезинформациите и пропагандата