Со ограничување на маржите би требало да бидат опфатени и производителите на базичните производи за да може мерката да го даде својот ефект, вели во интервју за МИА Димитар Николоски, професор од Економскиот факултет во Прилеп и експерт по пазар на трудот.

Тој ги анализира економските состојби во контекст на кризата и владините мерки – продолжениот рок до 31 декември, на ограничената трговска маржа на основните прехранбени продукти и најавата за фиксна цена на струјата за прехранбената индустрија. Николоски смета дека мерките треба да бидат проширени за да бидат ефикасни, а кога е во прашање продуктивноста, потребни се итни чекори за нејзино подигнување.

Интервјуто го пренесуваме во целост:

Владиниот сет мерки се обидува да ја „заузда“ инфлаторната спирала. Во поглед на монетарната политика, Народна банка веќе ги покачи каматните стапки. Николоски, во моментов се актуелни две мерки кои сакаме да ги анализирате. Прво, Владата го продолжи рокот, до 31 декември, на ограничената трговска маржа на основните прехранбени продукти. Има ли ефект за стандардот на граѓаните?

– Секако дека тоа во одредена мера ќе го ограничи порастот на инфлацијата. Но, тука мора да се додаде дека не секогаш порастот на цените на производите во малопродажбата произлегува од порастот на цените на маржите во трговијата. Тоа значи дека оваа мерка би требало да се прошири и да ги опфати и другите бази во синџирот на додадена вредност, бидејќи честопати порастот на цените се должи на пораст на производните цени, што значи дека со ваквото огрничување на маржите би требало да бидат опфатени и производителите на базичните производи за да може мерката да го даде својот ефект.

Од први декември, најавено е дека ќе има фиксна цена на струјата за 150 компании од прехранбената индустрија. Велите дека трошоците поради струјата им се зголемени најмалку за 100 насто. Какви резултати може да се очекуваат?

– Субвенционирањето на електричната енергија, односно цената на струјата, во голема мера би им помогнало на компаниите да ги намалат трошоците на своето работење, а со тоа и во цените на производите. Овде треба да се биде внимателен во дизајнирањето на самата мерка, бидејќи е потребно да се креираат критериуми врз база на кои компаниите би аплицирале и на тој начин би се избегнала можноста некои компании да бидат дискриминирани од ваквата мерка и секако дека фокусот треба да биде на целната група производи чии цени сакаме да ги ограничиме, а, пред сѐ, тоа се базичните производи од прехранбената индустрија. Така што сметам дека, наместо да се оди со конкретни бројки од 100, 150, 200 компании, подобро би било да се определат критериуми врз база на кои компаниите би конкурирале и би ги користеле ваквите сунбвенции, а тоа би се однесувало на конкретни производи кои би биле целна група чии цени сакаме да ги ограничиме, а тоа, во голема мера, се базичните производи од прехранбената индустрија. Како што беше ситуацијата со мерките во пандемијата за тоа на кои компании им следува помош.

Најавено е ново покачување на минималната плата?!

– Следејќи го порастот на цените, доаѓаме до заклучок дека инфлацијата од почетокот на годинава се движи околу 20 насто, но од друга страна, следејќи го движењето на нето-платите, имаме пораст од околу 10 насто. Тоа укажува на пад во реалните плати, што значи пад на куповната моќ на работниците, и на населението, воопшто. Тоа негативно се одразува на животниот стандард на граѓаните. Проблемот кој се појавува кај македонската економија е во релативно ниската продуктивност на трудот. Евентуално идно покачување на платите би требало да биде компензирано, на некој начин, со зголемена продуктивност на трудот. За разлика од македонската економија, развиените западноевропски економии, како што е германската и другите економии, многу полесно се справуваат со овој проблем на влегување во спиралата плати – цени, бидејќи таму продуктивноста на трудот е значително повисока и порастот на платите во голема мера може да се должи на порастот на продуктивноста на трудот и на тој начин може да ја апсорбира можната инфлаторна спирала. На продуктивноста никако не ѝ помага одливот на работната рака. Како да се зголеми продуктивноста во таквата ситуација?

– Врз продуктивноста може да се влијае на различни начини. Еден од нив е преку подобрувањето на вештините на работната сила, низ процесот на образование, низ процесот на генерирање вештини и таканаречениот концепт на „доживотно учење“. Од друга страна, потребен е сѐ поголем трансфер на знаења од поразвиените западни економии, при што би се користеле нивните искуства, за нашите компании сѐ повеќе да се вклучуваат во понапредните фази во синџирот на додадена вредност. На пример, да не биде само склопување производи, туку да се учествува во многу понапредни фази во производството, па во истражувањето, развојот, дизајнот, маркетингот, промоцијата на производите…

Компаниите, во ваквата економска криза се заканија со отпуштање работници…

– Отпуштањето работници е најнеблагодарната мерка. Токму мерките на Владата се во насока да им се помогне на оние компании кои најмногу се погодени од кризата и се соочуваат најмногу со порастот на трошоците поради енергентите, за да ја пребродат. Најлошото е ако го загубите највредниот ресурс – работната сила.