Македонија веројатно има интерес да се вклучи како акционер во проектот за терминал за течен природен гас (LNG) во Александруполи и да си обезбеди диверзификација на достава на гас. Ние го поздравуваме учеството на Македонија во проектот, вели во интервју за МИА Теодора Георгиева, извршна директорка на компанијата „ICGB“, која го направи и ќе го одржува интерконекторот помеѓу Бугарија и Грција.

– Во моментот, капацитетот на „ICGB“ е резервиран долгорочно за над 1,57 милијарди нормални метри губни годишно, при резервирање на капацитетот од Скопје во LNG терминалот во Александруполи би можело да се резервира капацитетот во ICGB за пренос на количините за Македонија. За да нема недостиг на капацитет за регионот, предвидуваме зголемување на капацитетот на ICGB од три милијарди нормални метри кубни на пет милијарди нормални метри кубни годишно. Тоа ќе стане возможно по изградбата на компресорна станица во Комотини од DESFA кон почетокот на 2024 година, појаснува Георгиева.

Таа смета дека Западен Балкан е важен регион и вели дека како оператор за пренос на гас се подготвени за разговор со сите компании од регионот, кои ќе покажат интерес.

Каква е регионалната димензија на гасоводот Грција – Бугарија?

Бугарија има исклучително добра развиeна гасоводна инфраструктура, која обезбедува пренос на природен гас за Југоисточна и Централна Европа. Како дел од бугарската гасоводна инфраструктура, ICGB има исклучително важна геостратешка улога за безбедноста и диверзификација на доставата на гас не само во Бугарија, туку и за регионот на Југоисточна Европа.

Интерконекторот обезбедува директна врска со Јужниот гасоводен коридор и со планираниот LNG терминал во грчкиот пристанишен град Александруполи, што се очекува да биде изграден до крајот на 2023 година. „Булгартрансгаз“ ќе поседува 20 проценти од акциите во LNG терминалот во Александруполи. На тој начин, „Булгартрансгаз“ веќе има резервирано капацитет во LNG терминалот од една милијарда нормални метри кубни годишно. Тоа значи дека од почетокот на 2024 година очекуваме да транспортираме минимум уште една милијарда нормални кубни метри годишно на „Булгартрансгаз“, како и резервираните количини за Македонија, која исто така изрази волја да купи дел во LNG терминалот и соодветно да резервира капацитет.

По пуштањето на терминалот во Александруполи, а и планираното проширување на Јужниот гасоводен каридор, очекуваме да транспортираме дополнително нови количини на природен гас исто така и за Романија, Молдавија, Украина, Србија, Унгарија и други.

Веќе гледаме и новости дека Турција ја започнува работата со Азербејџан за зголемување на капацитетот на TANAP до 32 милијарди нормални кубни метри. Сето тоа се фактори што ќе имаат значење за позиционирањето на „ICGB“, како и за се поважната улога на Бугарија и Грција во регионот.

Кое би било местото на Македонија во таа ситуација? Имате ли некакви преговори со вашите колеги во Скопје?

Македонија веројатно исто така има интерес да се вклучи како акционер во проектот за LNG терминалот во Александруполи и да си ја обезбеди диверзификација на достава на гас. Тоа, пред се, се разговори на високо политичко и корпоративно ниво. Ние го поздравуваме учеството на Македонија во проектот за LNG терминалот во Александруполи што е во целосна синергија со IGB и има своја значајна регионална димензија.

Во моментот, капацитетот на IGB е резервиран долгорочно за над 1,57 милијарди кубни метри годишно, при резервирање на капацитетот од Скопје во LNG терминалот во Александруполи би можело да се резерива капацитетот во IGB за пренос на количините за Македонија.

За да нема недостиг на капацитет за регионот, предвидуваме зголемување на капацитетот на IGB од три милијарди нормални метри кубни на пет милијарди нормални метри кубни годишно. Тоа ќе стане возможно по изградбата на компресорна станица во Комотини од DESFA кон почетокот на 2024 година. Има сериозен интерес и од компаниите во другите земји во регионот, така што во „ICGB“ сме отворени за дијалог со сите заинтересирани страни.

Дали земјите од Западен Балкан ќе бидат независни од рускиот гас по пуштењето во употреба на гасоводот Грција-Бугарија?

Влегувањето во трговска екплоатација на IGB несомнено е важен чекор во таа насока и неслучајно проектот беше оквалификуван од сите високи политичари од регионот, како и од Европската комисија и Азербејџан, како „game changer“.

Интерконекторот се поврзува директно со Јужниот гасоводен коридор и конкретно со гасоводот TAP во градот Комотини во Грција. Во моментов тој обезбедува директен пренос на азербејџанскиот природен гас за Бугарија, што во пракса претставува реална диверзификација на преносот на руски гас.

Западниот Балкан исто така е важен регион и како оператор за пренос на гас сме подготвени да водиме разговори со сите компании од Западен Балкан кои покажуваат интерес. На настанот, што се одржа по повод комерцијалниот почеток на IGB имаше сериозно присуство на државни лидери од регионот на Западен Балкан и конкретно на претседателите на Македонија и Србија, Стево Пендаровски и Александар Вучиќ. Тоа е јасен знак дека земјите од Западен Балкан го препознаваат интерконекторот како сериозна можност за диверзификација на доставата на гас. Исто така, сите држави од регионот работат активно за подобра енергетска поврзаност, има повеќе проекти за градење на повеќе меѓусебни врски, со цел да го направат понезависен и конкурентен.