„Охридското Езеро бисер небесен“ е најновата книга од академик Миле Д. Миќуновиќ во издание на Националната установа Библиотека „Григор Прличев“ – Охрид.
Авторот, на 224 страници преку 394 фотографии опишува 32 места од каде е фотографирано езерото
Целата обиколка на езерото заедно и со територијата во Албанија е во растојание од 101,6 километри со автомобил. Изнесени се преубави погледи на Охридското Езеро со објаснување на местата од каде е фотографирано, по редослед, од градот Охрид, кон Пештани и Трпејца на врвот на планината Галичица, па кон Свети Наум, во Албанија Тушемиште, Поградец, Мемелиште, Удениште, Пискупат, Лин, Калишта, Радожда, Струга и повторно во Охрид со залезот на сонцето.
Идејата за содзавање на ова дело, како што вели Миќуновиќ, произлегла минатата година кога ја пишувал книгата „Црквите во Охрид“, фасциниран од погледот кон Охридското Езеро од повисоките села на планината Галичица.
– Кога се искачив во селата Велестово, Горно Коњско и сите села на планината Галичица здивот ми застана од преубавиот поглед на Охридското Езеро. Поради сината топла боја, која е поинтензивна и од небесното синило, а и поради големината која зафаќа површина од 358.2 километри квадратни заслужува назив – македонско слатководно море. Ми падна идеја да го обиколам езерото и во територијата во Албанија и со автомобилот поминав 101.6 километри, истакна Миќуновиќ.
Прво, појасни тој за МИА, во книгата ставил карта на движење од Охрид кон Свети Наум, територија на Албанија, преку Струга повторно во Охрид на зајдисонце.
– Означени се местата од кои е фотографирано и нивната надморска височина. Прикажаното на фотографиите што се во книгата, сакам читателите да ги извлече од рамнодушноста на погледот, да им ги разбуди емоциите кон опкружувањето, затоа што ништо не останува исто, времето ги менува и состојбите и впечатоците и погледите. Според мене, читателот присуствува на чинот на вистината. А утре можеби сè ќе биде поинаку, вели Миќуновиќ.
Посочи дека со фотографија се занимавал од детството и оти фотографијата претставува само еден момент на вечност. Фотографијата, нагласи, ја има моќта да ни ја прикажува вистината, затоа ја прифаќа како сопствен исказ и како стил на изразување.