Во Центарот за култура „Бели мугри“ синоќа беше отворена ликовната изложба „Архитектура“ на членовите на Училиштето за цртање и сликање кое работи во состав на институцијата.
На изложбата се претставени триесетина цртежи работени со молив и графика, инспирирани од старата македонска архитектура, а на кои се прикажани формата и перспективата на објектите, што учениците одлично ги совладале.
-Со оваа изложба Училиштето за цртање и сликање ја одбележува 10-годишнината од своето постоење и со гордост можеме да кажеме дека во изминатава декада се работеше напорно, учениците генерациски се менуваа и напредуваа, а дел од нив веќе професионално се реализираа како архитекти, веќе се и професори, како и ликовни уметници со завршена ликовна академија, што е голем доказ за успешноста на нашето работење. Овде се претставени дела што нашите талентирани ученици ги работеа во изминатите три месеци и создадоа прекрасни и успешни цртежи на тема архитектура, истакна Александра Димитрова, стручен соработник за визуелни уметности, архитектура и дизајн во Центарот за култура „Бели мугри“.
Во изминатата деценија Школата за цртање и сликање ја посетувале над стотина ученици, а од пред две години нејзиното работење финансиски е поддржано и од Министерството за култура.
Со изложбата „Архитектура“ се заокружува годишната програма за ликовна дејност на Центарот за култура во Кочани.