Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола со новите глобални текови за омасовување на високото образование ја продолжува исконската мисија на Охридската книжевна школа што ја основал Св. Климент Охридски пред повеќе од 1100 години, а тоа е да обезбеди солидно (високо) образование и светла перспектива на младите од регионот, вели во интервју за МИА, Игор Неделковски, ректор на УКЛО-Битола.

Во интервјуто што МИА го направи по повод патрониот празник на Универзитетот, ректорот посочува дека главен проблем со кој денес се соочува оваа високообразовна институција е подмладувањето на кадарот. Само со масовно вработување на научен подмладок, вели Неделковски, може да се спаси моменталната ситуација која може да предизвика далекусежни негативни последици за македонското општество.

– Секаде во светот силата на универзитетите лежи во научниот подмладок, докторандите и асистентите. Водечките светски универзитети се борат да привлечат квалитетен научен подмладок и на тој начин да имаат капацитет за научни истражувања, објавување на научни трудови, квалитетна практична настава. Државата од неразбирливи причини веќе 20-тина години, откако се воведе трезорскиот систем и обврската за секое ново вработување да се бара согласност од Министерството за образование и наука и Министерството за финансии (дури и кога се работи за постоечки работни места кои се испразниле поради пензионирање, прекин на работен однос и сл.), никогаш не овозможила проста репродукција на кадарот во високото образование, а да не зборуваме за проширување, нагласува Неделковски.

Во однос на селекцијата на научниот подмладок, Неделковски смета дека треба да се дефинираат прецизни критериуми при вработувањето.

– Моментално нема јасни критериуми (освен просек 8) и мора да се работи на тоа. Да не се дозволува влез на неквалитетен кадар во високото образование. Мора да се дефинира прецизна метрика за вреднување на капацитетите на оние што сакаат да станат дел од високото образование, порачува Неделковски во интервјуто за МИА.

Интервјуто го пренесуваме во целост:

Што значи Универзитетот „Св. Климент Охридски“ денес?

– Современиот Универзитет „Св. Климент Охридски“ – Битола (УКЛО) има благородна општествена мисија. Локално гледано, многу позначајна од онаа на водечките европски универзитети. Ние обезбедуваме солидно високо образование за младите пред и се од регионот и државата, со што им отвораме врата и даваме надеж за нивен просперитет. Да не се универзитетите како нашиот, многу од нашите денешни студенти сигурно нема да можат да си дозволат високо образование, со тоа нивните шанси за успех во животот би биле многу помали. УКЛО им дава шанса дома да се стекнат со високо образование кое им отвора врата за подобра иднина. Впрочем, фактот дека во регионот има бум на повеќе индустрии кои се поврзани со дисциплини што се изучуваат на УКЛО (тука како пример би ја спомнал информатичката индустрија), дека има многу мал број невработени високообразовани кадри, дека голем дел од нашите студенти се успешни во светот и дека водечките бизнисмени и политичари во регионот се наши алумни ја потврдуваат нашата благородна мисија. Обезбедување квалитетно високо образование на регионално ниво. УКЛО е типичен регионален универзитет кој се простира во шест градови.

Кои се проблемите со кои се соочува УКЛО денес?

– Главен проблем, кој е основа за серија други проблеми е кадарот. На УКЛО од повеќе од 300 вработени академски кадар, само околу десетина се асистенти. Доценти се 30-тина, а најголемиот број се редовни професори кои го достигнале врвот на својата кариера. Секаде во светот силата на универзитетите лежи во научниот подмладок, докторандите и асистентите. Водечките светски универзитети се борат да привлечат квалитетен научен подмладок и на тој начин да имаат капацитет за научни истражувања, објавување на научни трудови, квалитетна практична настава. Државата од неразбирливи причини веќе 20 – тина години, откако се воведе трезорскиот систем и обврската за секое ново вработување да се бара согласност од Министерството за образование и наука и Министерството за финансии (дури и кога се работи за постоечки работни места кои се испразниле поради пензионирање, прекин на работен однос и сл.), никогаш не овозможила проста репродукција на кадарот во високото образование, а да не зборуваме за проширување.

Најплодните научници секаде во светот се младите научници – докторанди, асистенти, доценти. Улогата на искусните професори е да ги менторираат и насочуваат младите кадри, а не тие да бидат ударната сила на научните истражувања. Затоа ситуацијата е алармантна, 12 часот е одамна поминат. Само со масовно вработување на научен подмладок може да се спаси моменталната ситуација која може да предизвика далекусежни негативни последици за македонското општество. Кога се работи за селекцијата на научниот подмладок исто така е битен фактор да се дефинираат прецизни критериуми при вработување. Моментално нема јасни критериуми (освен просек 8) и мора да се работи на тоа. Да не се дозволува влез на неквалитетен кадар во високото образование. Мора да се дефинира прецизна метрика за вреднување на капацитетите на оние што сакаат да станат дел од високото образование. Но, секако тоа треба да биде пропратено со подобар општествен статус и примања, ако сакаме да имаме квалитетен наставно-научен кадар. Кога зборуваме за примања не мислам само на плати, туку и средства за финансирање на научни проекти, учества на научни конференции, набавка на опрема.

Кога сме веќе кај проблемите како го гледате релативно лошото рангирање на македонските универзитети и УКЛО на глобално ниво. На пример Ве нема на Шангајската листа?

– Рангирањето на универзитетите е битна, но не клучна работа. Сметам дека повеќе се прави фама во јавноста, без да се знае суштината на рангирањето. Како прво рангирањето се прави единствено врз научната компонента. Не постои рангирање кое ја вреднува образовната компонента. Второ, водечките ранг листи, како што е Шангајската, на која нема ниту еден македонски универзитет вреднуваат само врвни научни достигнувања – Нобелови награди, објавени трудови во водечките научни списанија како Science, Nature и сл. Ние ниту по инвестиции во науката (каде стоиме многу лошо на европско ниво), ниту по кадровски потенцијал не можеме да се носиме со таа група на универзитети. Трето и најбитно, рангирањето се врши по апсолутни вредности, не по релативни. Тоа значи, дека се собираат научните достигнувања на универзитет со 30.000 вработени наставници и истражувачи и споредуваат со достигнувањата на универзитет со 300 вработени наставници истражувачи. УКЛО од релевантните научни рангирања се јавува на Webometrics и се наоѓа на 5101 место од 30.000 рангирани универзитети, што значи помеѓу првите 20 проценти во светот. Но, повторно повторувам, ако се земат предвид релативни вредности по број на вработени и по инвестиции во науката сигурно би биле многу повисоко рангирани. Впрочем, најголем БДП по жител во светот има Катар, а во глобален износ е 54-ти. Ако ги погледнете глобалните бројки ќе добиете претстава дека се работи за средно развиена држава иако е далеку најбогата по жител. Со ова не сакам да кажам дека нема простор за подобрување на рангирањето, но тоа може да се реализира само ако се овозможи масовно вработување на квалитетен научен подмладок и средства за научно истражување.

Кои се главните развојни планови на УКЛО?

– УКЛО бил и ќе остане динамична средина. Наредниот период ќе имаме повеќе развојни проекти. Во сите тие проекти студентот ќе биде во центарот на активностите. Прв и основен проект е отворањето на УКЛО кон заедницата. Во недостаток на асистентски кадар, ќе овозможиме стручњаци од практиката (стопанството и нестопанството) да се вклучат во практичната настава на факултетите. Ќе овозможиме дуално образование, практичната настава да се изведува во објектите на стопанството и нестопанството. Ги повикувам сите чинители од стопанството и нестопанството сега и веднаш да се вклучат во образовните процеси на универзитетот и на тој начин да си обезбедат квалитетен кадар за своите организации. А студентите да добијат квалитетна практична настава. Максимално ќе се отвориме кон невладиниот сектор за заедничко аплицирање на проекти. УКЛО има голем научен и стручен потенцијал, а невладиниот сектор агилност и вештини во обезбедување на донации. Со здружени сили се надеваме дека ќе го зголемиме бројот на меѓународни донаторски проекти. Иако и сега тој број не е занемарувачки. Во минатите десет години преку меѓународни проекти УКЛО има донесено во државата околу 5.000.000 ЕУР, средства во кеш. Што ќе рече дека би требало да се третира како странски инвеститор бидејќи вбризгува свежи странски пари во локалната економија. Подаваме рака и кон политичките структури, да им го понудиме нашето знаење на објективен начин, не обременети од политичките случувања. Јавните универзитети во Република Северна Македонија се апсолутно деполитизирани институции, посебно со одредбите од Законот за високото образование од 2018 година, и како такви можат и треба да бидат свест и совест на општеството. Но залудна е академската слобода и политичката независност ако наскоро не биде пропратена со финансиска независност која моментално е апсолутна нула. Самостојно не можеме да одлучуваме ниту за средствата од меѓународните проекти. Кога зборуваме за конкретни развојни проекти тука е прераснувањето на Високата медицинска школа во Факултет за медицински науки. Идната година школата слави 35 години на постење и е синоним за создавање квалитетен медицински кадар. Од друга страна повеќе од евидентен е недостатокот од доктори на медицина во државата и овој проблем не може лесно да се надмине. Веќе има факултети за медицински науки во Скопје (и тоа два), во Штип и во Тетово. Следствен чекор е прераснувањето на Високата медицинска школа во факултет. Впрочем Битола е единствениот град кој има клиничка болница, а нема факултет. За овој наш проект очекувам веќе до крајот на оваа година да поднесеме инцијатива до Владата на Република Северна Македонија. Исто така сметам дека Битола заслужува и факултет за уметности. Во градот постои државно средно музичко училиште, еминентен народен театар, развиена ликовна уметност и сл. Сметам дека покрај Скопје, Штип и Тетово, Битола и тоа како има капацитет, традиција и кадар за факултет за уметности. Секако заеднички елемент на сите развојни проекти на УКЛО ќе бидат дигитализација, одржливоста и нивната студент центричност. Да повторам, студентот да биде центарот на сите случувања и активности на УКЛО. Во тој поглед сакам да ја потенцирам одличната соработка со Универзитетското студентско собрание, Студентскиот правобранител и другите студентски тела.

Што се очекува од УКЛО во наредниот период?

– УКЛО значи традиција. УКЛО е формално основан како универзитет пред 43 години како втор во државата, но нашата традиција датира скоро 100 години. Првата научна установа на територијата на денешната Република Северна Македонија, Институтот за тутун Прилеп е дел од нашиот универзитет и истиот е основан во 1924 година. Студентско здружение во Битола е основано во 1934 и во него учествувале студенти кои студирале на повеќе универзитети во тогашното Кралство Југославија, а голем дел од нив подоцна имале битни улоги во создавањето на современата македонска држава. Од универзитет со таква традиција, јавноста очекува да биде лидер на иницирање на развојни планови на регионот. Затоа се обидуваме и ќе се обидуваме врз придобивките од традицијата, институционалната меморија и моќта на постојните студенти и академски кадар да ја реплицираме мисијата на нашиот патрон Св. Климент Охридски во современи услови. Да обезбедиме квалитетно високо образование на широк опфат од младите во државата и регионот, а преку тоа обезбедиме општествен просперитет согласно современите европски текови.

Марјан Танушевски