Пред почетокот на годинашното издание на поетската манифестација „Караманови средби“, што почнува на 16-ти овој месец во Радовиш, организаторите ја објавија поетската антологија на 49. „Караманови средби“.
Од пристигнатите 179 поетски творби, селекторите на оваа книжевна награда, писателите Борче Панов и проф.д-р Даниела Анодоновска-Трајковска, во првата фаза одбрале 43 најдобри поетски ракописи од познати автори од светот, со завидно книжевно реноме и потврдени книжевни вредности.
– Водејќи се од почитта која ја заслужуваат овие извонредни поети кои можат да бидат носители на највисоките книжевни награди во светот, Советот на Карамановите средби одлучи да објави и да отпечати посебна книга-Поетска антологија од сите овие 43 извонредни светски поети помеѓу спаѓаат поетите Адел Козам (Обединети Арапски Емирати), Али Ал-хазми (Саудиска Арабија), Алисја Куберска (Полска), Алваро Мата Гиже (Коста Рика- Мексико), Антон Баев (Бугарија), Арјан Калчо (Албанија), Балаз Атила (Романија), Барбара Грушка-Зих (Полска), Беатрис Сааведра (Мексико), Константин Северин (Романија), Елизабета Баљи (Италија-Шпанија), Емилио Паз (Перу), Евит Бахар (Индонезија), Флорентина Лоредана Далијан (Романија), Франциско Муњоз Солер (Шпанија), Џорџ Валас (САД), Хусеин Хабаш (Курдистан-Германија), Ирма Курти (Албанија-Италија), Џернаил Ананд (Индија), Хозе Едуардо Деграција (Бразил-Италија), Јури Талвет (Естонија), Кама Сијор Каманда (Конго), Мансур Норбакаш (Kанада), Мариела Кордеро (Венецуела), Марлен Пасини (Мексико), Масудул Хок (Бангладеш), Милица Миленковиќ (Србија), Мурат Јурдакул (Турција), Панкури Сина (Индија), Реј Бероа (Доминиканска Република), Роберто Марзано (Италија), Рудра Киншук (Индија), Санкар Саркар (Индија), Шота Јаташвили (Грузија), Су Жу (Нов Зеланд-Кина), Тин Лемац (Хрватска), Тземин Итион Тсаи (Тајван-Кина), Јудај Шанкар Џурџај (Бангладеш-Велика Британија), Виктор Радун Теон (Србија), Косијат Рустамова (Узбекистан), Јин Шјиаојан (Кина), Јурај Толентино Хевија (Куба) и Џанг Џи (Кина), информираат организаторите.
Додаваат дека во втората фаза од селекцијата на најдобрите селекторите извршиле потесен избор од 16 поети, кои ќе бидат наградени со посебни признанија од Советот на Караманови средби.
-Оваа Антолигија е уште едно врвно поетско постигнување во македонската книжевност, бидејќи во неа се преставени познати поети од светот денес, кои се носители на исклучително високи книжевни награди,а некои од нив биле и кандидати за Нобеловата награда за книжевност. Особена книжевна вредност има и во фактот што оваа антолгија е посветена на првиот модерен поет Ацо Караманов, или како што е наречен од критиката-вундеркиндот на македонската книжевност, посочуваат организаторите.
Најпознати добитници на Инернационалната книжевна награда „Ацо Караманов“ досега биле големиот шпански поет Хусто Хорхе Падрон, виетнамски поет Мај Ван Фан, познатиот арапски поет Раед Алјиши и позната италијанска поетеса Клаудија Пичино.
Печатењето на Антологијата е со поддршка од страна на ОНБ „Браќа Миладиновци“-Радовиш којашто оваа година бележи 65 години од своето основање. Приредувачи на антологијата се писателите Борче Панов и проф. д-р Даниела Андоновска Трајковска, која воедно е и препејувач на застапената поезија во оваа книга од англиски на македонски јазик.
Издавач на антологијата е Центарот за култура, ликовниот дизајн на кориците на книгата е од познатот академски сликар Ниче Василев, а организатор на средбите е Центарот за култура „Ацо Караманов“.