Новогодишниот концерт на квартетот „Диогенес“, во организација на фестивалот „Охридско лето“, кој синоќа се одржа во Националната Опера и балет, беше проследен со бурни овации и ракоплескања од страна на публиката.
Со специјално одбрана програма на дела од Јозеф Хајдн, Ервин Шулхоф и Јоханес Брамс, младите виртуози на класичната музика, Стефан Кирпал и Гундула Кирпал на виолина, Алба Гонзалес и Бецера на виола и Стивен Ристау на виолончело, приредија воодушевување за љубителите на класичната музика.
– Изминативе 62 години Националната установа „Охридско лето“, како претставник и промотор на врвната уметност, прикажува едно континуирано високо ниво на програмски содржини и ексклузивни уметници, како од земјава, така и од светот. Нашата заложба е фестивалската рамка да ја прошириме и надвор од традиционалната, 12 јули-20 август, и тоа успешно го правиме изминативе години. Горда сум што сега за првпат успеавме да реализираме новогодишен концерт со што потврдуваме дека сме скалило погоре во негувањето и презентирањето на врвната уметност. Тоа е единствениот начин со кој ја оправдуваме водечка улога за обезбедување и презентирање на културните вредности, рече директорката на „Охридско лето“ Наташа Поповиќ.
Пред почетокот на концертот, министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, рече дека „Охридското лето“ не познава годишни времиња, туку е фестивал кој надминува какви било врамувања.
– Едноставно, ова е фестивал кој во себе ја има длабоката суштина на уметноста со што стана еден од најпрепознатливите брендови на земјава, во регионот и во Европа. „Охридското лето“ својата мисија на пријателски мост со светот ја шири и со овој празничен концерт. Се разбира дека сите фестивалски вечери на оваа институција се празник, но оваа вечер, пред Нова година носи посебна свеченост и грижа за публиката. Фестивалот ни порачува дека врските кои културата ги гради се нераскинливи и трајни, и дека уметноста го облагородува животот и ги обединува луѓето, што е особено важно во време на празници. „Охридското лето“ ја покажува својата големина испишувајќи ја својата приказна во текот на целата година, најавувајќи нови копродукции и настани во рамки на Иницијативата Отворен Балкан, и како членка на Европската асоцијација на фестивали, истакна Костадиновска-Стојчевска.
За љубителите на класичната музика, директорката Наташа Поповиќ најави и осмомартовски и велигденски концерт во организација на „Охридско лето“, а за претстојното 63-то „Охридско лето“ пак, откри дека нè очекуваат 40 фестивалски вечери со настап на светски познати но и докажани домашни уметници.
– „Охридско лето“ е предизвик, секоја следна година да биде поголемо и позначајно, да се надополнува и надградува со нови содржини, токму благодарение на поддршката што ја добиваме од Претседателот на државата како покровител на Фестивалот, Министерството за култура, Општина Охрид, од нашите спонзори и помагатели, како и од амбасадите во Република Северна Македонија, додаде Поповиќ.
На настапот на уметниците од Германија меѓу присутните беа и дипломати, како и познати личности од јавниот живот.