По двегодишна пауза поради пандемијата со коронавирусот на 24 декемвври ќе се одржи шестото издание на културно-забавната манифестација „Зимска бајка” во продукција на OhridNews.

На сцената во центарот за култура „Григор Прличев” ќе бидат отпеани големите хитови од седмата уметност во специјален аранжман и изведба на бенд составен од врвни музичари од Охрид и вокалот Емилија Коловска, придружувни од хорот Лихнидос.

Манифестацијата ќе биде зачинета со креативен хумор за кој традиционално се задолжени познатиот стендап комичар Никола Тодороски и професионалниот актер Стрезо Стаматовски – алијас „2 Mothers brothers”, кои премиерно ќе изведат авторски материјал ексклузивно подготвен за „Зимска бајка”, соопшти Центарот за култура.

Шоуто, како што е наведено, ќе биде збогатено со визуелни ефекти од лабораторијата на „Кумев брадрс” и концертен звук за кој ќе се погрижи „Лабино саунд”. Сцената ќе ја аранжира „Импакт груп”, а зад неа десетици волонтери и логистика ќе се погрижат настанот да мине во беспрекорен амбиент.

Дел од влезниците се резервирани за соработниците, помагателите и поддржувачите на манифестацијата, како и за благородна мисија на лајонс клубовите од градот, а остатокот, во ограничен број, ќе бидат пуштени во продажба по цена од 500 денари, стои во информацијата на ЦК „Григор Прличев”.