Секоја авиокомпанија треба да ја гледа Македонија како можност, тоа го мислам и за авиокомпанијата „Виз ер“ и сите останати 13 кои оперираат од нашите два аеродрома, рече министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, на прес-конференција откако денеска беше распишан нов повик за доделување субвенции за отворање нови авиолинии од аеродромите во Скопје и во Охрид.

Бочварски рече дека е убеден оти новиот повик ќе даде можност за дополнително отворање нови можности и за нови авиокомпании што ќе бидат на располагање за граѓаните.

Субвенции по овој основ во државава не се доделуваат од средината на минатата година, а во март годинава истече и последниот од трите договара со кои што на унгарскиот нискобуџетен авиопревозник Виз Ер му се исплаќаше финансиска поддршка. Новиот повик е различен од претходните по тоа што на него ќе можат да се изберат повеќе авиокомпании. Се однесува за наредните три години, заклучно со крајот на 2025 година. За наредната година по основ на финансиска поддршка се предвидени 1,1 милион евра.

Според Јавниот повик, државата ќе доделува субвенции од седум евра по патник за нови авиолинии што ќе бидат воведени на Скопскиот аеродром и по 4,5 евра по патник од аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид. Авиопревозникот што ќе биде избран да користи субвенции е должен секоја нова дестинација воспоставена од аеродромите во Скопје и Охрид, за која се доделува финансиската поддршка, да ја опслужува најмалку два пати неделно во секоја од ИАТА сезоните според однапред утврден ред на летање.

-Најпрвин е важно да се отвори повикот, да видиме колку заинтересирани компании ќе има. Убеден сум дека ова е повик што ќе привлече внимание во регионот, драго ми е што првпат ќе биде усогласен и со ЕК, верувам дека ќе имаме можности и финансиски средства согласно тоа што ќе биде понудено од авиокомпаниите да ги опслужиме сите авиолинии што ќе бидат на располагање за наредниот период, рече Бочварски, истакнувајќи дека секоја од понудите што ќе бидат доставени ќе биде внимателно разгледано од комисијата што е веќе формирана.

Бочварски уверува дека целата постапка ќе се одвива на јавен и транспарентен начин и оти ќе се изберат авиокомпании кои ќе достават најдобри понуди согласно критериумите во Јавниот повик.

-За нас ќе биде од исклучителна важност да привлечеме што е можно повеќе нови авиокомпании да оперираат на нови дестинации и да го подигнеме нивото на авиосообраќајот, рече министерот за транспорт.

Како што истакна, финансиската поддршка за поттикнување и развој на воздушниот сообраќај се имплементира заради квалитетен развој на цивилното воздухопловство, формирање поконкурентни и подостапни цени на билетите што директно подразбира нови дестинации за граѓаните.

-Нашата крајна цел е да обезбедиме раст на авиосообраќајот, а на граѓаните да им овозможиме атрактивни дестинации согласно нивните потреби по прифатливи цени на билетите, рече Бочварски.

Заинтересирани авиокомпании за учество на Јавниот повик треба да поседуваат уверение за работа издадено од земја членка на ЕУ, согласно прописите за издавање уверение за работа на авиопревозници, да имаат превезено најмалку 10 милиони патници и остварен профит од минимум 25 милиони евра во 2019 година. Исто така, да достават изјава заверена на нотар за дестинацијата за која добива финансиска поддршка од државата и по завршувањето на финансиската поддршка да продолжи да ја оперира за период за кој ги добивал субвенциите. Во спротивно ќе биде должен да го врати целиот износ на средства што ги добил како финансиска поддршка.

Финансиската поддршка ќе се доделува согласно критериумите за рангирање на новите дестинации по следниот редослед: период на оперирање на дестинацијата, број на неделни летови, атрактивност на аеродромот кон кој оперира, број на седишта понудени на продажба.

Секоја нова дестинација за која се доделува финансиската поддршка, а ќе оперира од Меѓународниот аеродром Скопје, не треба биде опслужувана во редовен превоз во последните две ИАТА сезони од и до Скопскиот аеродром. Истото важи и за новите дестинации од Охридскиот аеродром за кои ќе се додели финансиската поддршка.

Покрај обврската да ги опслужува новите дестинации најмалку двапати неделно, избраната авиокомпанија ќе треба да изработи план за промоција и маркетинг на предложените дестинации, а на секои шест месеци да доставува извештај до Министерството за транспорт и врски за своето работење.

Повикот е отворен заклучно со 19-ти следниот месец до 12:00 часот, до кога може да се доставуваат барања во архивата на Министерството за транспорт и врски, а наредниот ден ќе се одржи отворањето на поднесените барања за финансиска поддршка.

Последниот од трите договори за субвенционирани летови што на тендер ги доби унгарскиот нискобуџетен авиопревозник „Виз ер“ заврши на 1 март годинава. Во 2019 година за субвенционирани летови се исплатени 66.584.935 денари, во 2020 година 21.098.924 денари, во 2021 година 10.475.649 денари, а годинава не се исплатени средства.

На јавниот повик што беше објавен денеска му претходеше новата Уредба за начинот и распределбата на финансиската поддршка, што ја донесе од Владата на 8 ноември годинава,

Од Скопскиот аеродром моментно се опслужуваат 38 дестинации, а седум од Охридскиот. Највисокото ниво на превезени патници од аеродромите во државава беше постигнато во 2019 година кога беа регистрирани 2,7 милиони патници. Од почетокот на годинава заклучно со денеска се превезени околу 2,3 милиони патници, што, според ресорниот министер, дава за право да бидеме оптимисти дека има се уште можности за развој на авиосообраќајот и во квалитет и во број.