На иницијатива на Н.У. Театар за деца и младинци – Скопје, заедно со „БАБЕЦ“ театар од Битола, формиран е Националниот центар на детски театри АСИТЕЖ, што ќе биде дел од Светската асоцијација на детски театри АСИТЕЖ ИНТЕРНАЦИОНАЛ.

Организацијата опфаќа повеќе од 80 национални центри, чија примарна цел е афирмација, промоција, продукција на детски и младински проекти, како и интернационална соработка и вмрежувања.

– Целите на Македонскиот центар „АСИТЕЖ“ се да ја унапредат работата на сите субјекти кои приоритено се занимаваат со изведувачки уметности за деца и млади, да поттикнуваат запознавање и размена на искуства преку национални и меѓународни средби и фестивали, размена на искуства, учества на форуми, конгреси, конференции, работилници и други активности со цел афирмација и популаризација на детско-младинската театарска продукција, појаснуваат од Македонскиот центар „АСИТЕЖ“.

За претстадател во првите четири години на центарот е избрана актерката Јулијана Мирчевска, а како членови на Управниот и надзорниот одбор, а воедно и основачи се: Катарина Илиевска – Силјановска, директорка на Театарот за деца и младинци, Драгана Милошевска Попова, Игор Ивковиќ – режисери од истиот театар заедно со актерката Марија Ѓорѓијовска, актерот и режисер Васко Мавровски од „Бабец“ театарот од Битола, како и композиторот Миодраг Нечак и костимографот Благој Мицевски.

Центарот е со седиште во Битола, а од многу скоро време ќе се формира и канцеларија во Скопје.