Занаетчиската комора Скопје денеска го одбележа јубилејот 90 години постоење. Основана е на 24 декември 1932 година кога неколку занаетчии од градот Скопје успеале да се здружат. Преку разни форми на организираност веќе 90 години помага на занаетчиството и на занаетчиите. Од 1985 година има и сопствени простории во Старата скопска чаршија.
– Преку Занаетчиската комора Скопје занаетчиите си ги остваруваат своите права по институциите. Имаме поднесено барања и разни инцијативи до надлежните министерства и до Владата со кои бараме занаетчијата да биде ценет, да има подобри услови за работа и да има добри даночни политики за занаетчиите, изјави Горан Ристовски, претседателот на Занаетчиската комора пред почетокот на одбележувањето на јубилејот „90 години Занаетчиска комора Скопје“.
Тој нагласи дека сме во тешка пандемиска и енергетска криза, но додаде дека Занаетчиската комора постојано бара помош од државата за занаетчиите.
– Побаравме дополнителни мерки во делот на енергетската криза. Дел од занаетчиите ја добија преку Министерството за економија. Се надеваме дека со новиот Буџет ќе добијат и останатите занаетчии. Имавме реформи на даночниот систем со кои на еден дел од занаетчиите кои имаа ДДВ од 18 отсто на своите производи им се намали на пет отсто. Сега се бориме што поголем број од нив да го добијат овој бенефит и да им помогнеме во нивната работи и во услугите кои ги пружаат спрема граѓаните, рече Ристовски.
Како најголем проблем со кој се соочуваат занаетчиите тој го истакна одливот на работна сила.
– Макотрпно се бориме и се надевам дека со помош на државата ќе успееме барем дел од мајсторите и занаетчиите да останат во државава и да дадат придонес за таа да се развива, посочи Ристовски.
Во текот на кризата, како што бнагласи тој, има и затворање на занаетчиските дуќани, но со помош на државата и со добивање на субвенции има и такви кои отвораат нови занаетчиски бизниси.
– Ова е тежок период, но се трудиме што повеќе да ги мотивираме да отворат занаетчиски бизниси и да влезат во системот, а не во сивата економија. Сакаме да имаме занаетчии кои ќе бидат ценети и почитувани, укажа Ристовски.
Тој нагласи дека за занаетчиите не важи новата даночна реформа со која се намалува прагот за станување даночен обврзник за плаќање данок на добивка.
– Сите кои се регистрирани како занаетчии во нашиот регистар не се опфатени со новата даночна реформа. Таа не важи за занаетчиите, туку е за оние кои се регистрирани како ДООЕЛ или ДОО. Се надевам дека ќе остане како што е и дека новата даночна реформа нема да ги засегне занаетчиите, рече Ристовски.
Како најзагрозени занаети кои наскоро би можеле да исчезнат ги посочи јорганџискиот, ковачкиот и папучарскиот.
– Тоа се традиционални занаети кои се во изумирање и затоа со Министерството за економија, со Владата, со Градот Скопје и со сите останати релевантни институции бараме начин овие загрозени занаети кои ни се белег да ги мотивираме барем да можеме да се пофалиме со нив, истакна Ристовски.
Министерот за економија Крешник Бектеши, кој присуствуваше на одбележувањето на јубилеј од 90 години постоење на Занаетчиската комора Скопје, рече дека овој јубилеј јасно покажува колку долго и макотрпно комората се грижи да опстои и да функционира занаетчиството во земјава.
– Занаетчиските комори се значајна алка во целиот екосистем, а особено е значајна нивната улога за афирмација и промоција на занаетчиството, идниот развој на занаетите и унапредувањето на оваа дејност. Министерството за економија во континуитет го поддржува занаетчиството, а тоа го покажуваме и со начинот на водење на политиките и спроведување на мерките кои беа предвидени оваа година. Како надлежно за политиките за занаетчиство Министерството континуирано работи на создавање на услови за унапредување на занаетчиството и поддршка на занаетчиите, а тоа го покажуваме и со начинот на водење политики и спроведување на мерки за поддршка на занаетчиството, рече Бектеши.
Тој нагласи дека годинава преку Програмата на Министерството за економија занаетчиите се поддржани со околу 100 илјади евра.
– Министерството за економија и за 2023 година обезбеди субвенционирање на занаетчиите. За набавка на опрема и алати, се предвидени рекордни 5.000.000 денари, рече Бектеши.
Покрај тоа, како што кажа, обезбедени се и средства за поддршка на занаетчиските комори за имплементација на проекти кои ќе бидат во насока на јакнење на капацитетите на занаетчиите преку организирање на обуки за поединечни занаетчиски дејности и креативни занаети, организирање на форуми, учество и организирање на промотивни активности (саеми) како и обуки за јакнење на свеста за придобивките од легализација на занаетчискиот бизнис.
– Со Занаетчиската комора Скопје, Министерството за економија и Владата во целина има одлична соработка. Во изминатиот период се донесоа неколку важни одлуки со цел да им се излезе во пресрет на барањата на занаетчиите во нашата држава како што беше намалувањето на ДДВ-то. Покрај тоа со Програмата за конкурентност, иновативност и претприемништво се поддржуваат занаетчиите кои имаат потреба од поддршка за да ја подобрат нивната работа, а со тоа да остане во живот занаетчиството, рече Бектеши.
Министерството за економија како и претходно и со поголемо темпо, нагласи, ќе им излезе во пресрет на занаетчиите преку различни програми и тоа не само преку нашите, туку и преку оние на другите институции со цел да се реализираат нивните барање и акцискиот план согласно Стратегијата за развој на занаетчиството во нашата држава.
– Зборувам за политики кои веќе се реализираат, како што беше намалувањето на ДДВ-то од 18 на 5 отсто, а веќе се разговара и за неколку други мерки кои би требало да се реализираат во наредниот период, особено во 2023 година. Во моментот кога ќе заврши програмата во делот на поддршка на занаетчиите ќе излеземе со конкретни бројки колку занаетчии биле поддржани во текот на целата 2022 година и откако ќе помине Буџетот во Собрание колку средства се предвидени за занаетчиите за да бидат поддржани во 2023 година директно преку Министерството за економија иако занаетчиите се поддржуваат и преку други мерки и програми од различни институции, прецизира Бектеши.
Во обраќање на настанот министерот за образование и наука Јетон Шаќири изтакна дека Занаетчиската комора Скопје не само што учествува во функционирањето, туку има и голем придонес во унапредувањето на квалитетот на националниот образовен систем во делот на стручното образование и обуката.
Тој нагласи дека низ годините МОН и Комората имаат креирано бројни правни решенија, мерки и проекти кои овозможуваат создавање на квалитетни стручни кадри, а со тоа и подигнување на степенот на вработливост во земјата, како крајна цел на сите политики.
– Очекувам нашето партнерство да продолжи и во иднина, бидејќи едукацијата во државата без вас не е можна, а образованието е менлива материја која мора да се прилагодува на општествените и глобалните трендови, текови и процеси и тоа можеме да го правиме само доколку и натаму, заеднички и вие и ние, како и досега, работиме во интерес на граѓаните и нивната подготвеност за вклучување и успешен настап на пазарот на трудот, рече Шаќири.
Тој додаде дека Комората е промотор и афирматор на стручното образование, прави напори што повеќе млади луѓе да почнат да се занимаваат со занаети, што е од особена важност во период кога државата се соочува со голема потреба од квалификувана работна сила.
– Занаетчиството не само што е еден од двигателите на економијата и развојот на општеството, туку тоа е и потсетник на историјата, традицијата и културата на еден народ. А вие како Комора, го штитите и развивате токму тоа, додаде Шаќири.